Македонскиот домашен фудбалски шампионат, викендов ја има својата 12 епизода сезонава, а во неа, еден од најинтересните дуели секако е оној кој што ќе се игра во Штип.
На Брегалница и гостува Шкендија, лидерот на табелата, кој што имајќи го овој епитет, и секако амбициите, се знае дека во Штип пристигнува по трите бода.
Домаќинот пак, по шок елиминацијата во Купот од Македонија ЃП, сега ќе бара рехабилитација во ПМФЛ.
Дуелот во името на Шкендија го најавува Бојан Димовски кој што смета дека неговиот тим нема што премногу да елаборира и прогнозира. Се знае дека Шкендија оди на победа.
„Па, работевме напорно цела недела и се подготвивме што е можно подобро за овој натпревар. Верувам дека сме подготвени. Нè очекува важен предизвик на гостински терен, но за нас не е важно каде играме, дали дома или на гости, Шкендија секогаш игра на победа. Така ќе биде и утре против Брегалница, а се надевам дека ќе го прикажеме нашето најдобро издание и ќе ги освоиме сите три бода. Нормално, кога имате голем број натпревари како во Европа, така и во првенството очекувано е да дојде до благ пад во формата. Сепак, Шкендија знае како да се справи со такви ситуации, а и ние, играчите, знаеме како да излеземе на крај со нив. Верувам дека поседуваме погожок квалитет од кој било друг тим во лигата, но тоа мораме да го докажеме на теренот. Уверен сум дека ќе се вратиме на победничките патеки и ќе започнеме нова серија – слична на онаа од почетокот на сезоната – и верувам дека повторно ќе изградиме предност на табелата“ – вели Димовски па додава.
„Морам да признаам дека сè уште не сум целосно подготвен, но работам напорно и подготвен сум да дадам 100% на секој натпревар. Психолошки, навистина е тешко за секој играч да биде повреден и надвор од теренот, особено кога ќе се изгуби натпреварувачкиот ритам. Но, ние сме професионалци и верувам дека и тоа е дел од фудбалот. Брегалница е интересен противник, дуелите со Шкендија отсекогаш биле привлечни. Надвор од теренот постои големо пријателство меѓу клубовите, но штом ќе започне натпреварот секој дуел е непредвидлив и секоја страна се бори за свој успех. Токму затоа и ние ќе одиме по сите три бода во Штип“ – поентира Димовски.















