Работнички продолжи да „гази“, Тиквеш ја доби драмата со ТФТ (ФОТО)

61

Екипата на Работнички не го дава врвот. Најтрофејниот кошаркарски колектив и по петтото коло остана непоразен, откако на гостувањето кај Скопје славеше со 79-89. За домаќинот, пак, ова беше четврти пораз, а има и една победа.

Кошаркарите во „црвено-бело“ разликата ја направија во втората и третата четвртина, во кои вкупно беа подобри за 18 поени. Тоа беше доволно за мирен финиш и продолжување на победничката серија каква што овој клуб одамна немал.

Рикиќ беше лидер кај победникот со 29 поени и 8 скока, додека зад него беше Говенс со 14 поени, 6 скока и 8 асистенции. Кај домаќинот, Паркер имаше 23 поени и 9 скока.

За потсетување, пред овој натпревар имаше физичка пресметка меѓу „Сити Парк Бојс“ и „Фемили“.

На последната пресметка од денешната програма, во Кавадарци имаше вистинска драма. Тиквеш и ТФТ одиграа неизвесен натпревар, а победата му припадна на домаќинот, кој славеше со 77-74.

Иако ТФТ во 34. минута водеше со 66-71, сепак домаќинот успеа да се врати во игра. Волф беше кошаркарот кој ги предводеше кавадарчани до водство од 73-71. Истиот кошаркар во последните 10 секунди реализираше од линијата за слободни фрлања за 77-74. На другата страна, ТФТ не успеа да реализира тројка и тука веќе беше јасно дека бодовите ќе останат во Кавадарци.

Токму Волф со 24 поени беше најдобар кај победникот каде уште добра партија пружи и Глигоријевиќ (19 поени и 8 скока). Кај ТФТ, Зафиров имаше 18 поени.

Претходно„Дер Класикер“ заврши без победник, Баерн загуби тројца поради повреди
СледноЦСКА Софија и официјално го отвори реконструираниот стадион (ВИДЕО)