Првото ракометно „Ел Класико“ оваа сезона му припадна на Вардар, кој на домашен терен, пред полни трибини му одржа лекција на Пелистер совладувајќи го со 31-23 (15-12). Со овој триумф, актуелниот македонски првак ја продолжи серијата од девет победи по ред, порачувајќи им на битолчани дека ќе треба многу повеќе да се потрудат за да го урнат од тронот.
Љевар имаше осум гола кај победникот, на другата страна Кузмановски запиша девет гола.
Мечот започна со две одбрани на Валах беа доволни за налет на Вардар од 3-0 (два гола на Љевар и еден на Митровиќ) и прво поголемо водство од 5-2 во 10-татата минута. На спротивната страна Лино Червар повика тајм-аут, кој се одлучи за игра „седум на шест“. Вардар поведе и со три гола разлика, 8-5 беше во 16-тата минута.
Пелистер не дозволи негативата да расте, успеа да дојде на гол негатива, искористи техничка грешка на „црвено-црните“, па предноста која ја имаше домаќинот беше од еден до два гола. Пред 29. минута, Кузмановски промаши од седум метри, на другата Вардар реализираше за 15-12 на одморот.
Вардар на стартот на второто полувреме поведе со 16-12, но битолчани брзо се вратија резултатски, со голот на Пешевски дојдоа на гол негатива (16-15). Но, тука и застанаа, следеше нов налет на шампионот. Играта „седум на шест“ на Червар не се покажа како добра идеја, бидејќи токму дел од својата серија „црвено-црните“ ја изградија прво на празна мрежа, во 47-та минута резултатот беше 25-17. За ваквата игра на првакот беше задолжен и Гогов, кој влезе во серија на одбрани.
Позитивата од осум гола (27-19) се покажа како доволна за мирна завршница во последните десет минути. Вардар знаеше како да менаџира со немоќниот и блед Пелистер.
Во Супер-лигата следи пауза поради ЕХФ-неделата во која Македонија ги стартува квалификациите за Европското првенство 2028 година.










