Тренерот на Реал Мадрид, Жозе Мурињо, ги отфрли критиките дека неговиот стил на фудбал е премногу дефанзивен, истакнувајќи дека истиот таков бил и кога неговиот тим освоил 100 бодови и постигнал повеќе од 120 голови.
Португалскиот стратег зборуваше на прес-конференцијата пред натпреварот со Расинг Сантандер, а притоа се осврна и на критиките кои ја следат неговата тренерска кариера.
„Со текот на времето станав поурамнотежен, во смисла дека повеќе не ме интересира што зборуваат другите. Критиките не ме погодуваат. Не сум ниту похрабар ниту помалку храбар, ниту подефанзивен ниту поофанзивен. Дефанзивниот тренер од мојот прв мандат е истиот оној кој освои 100 бодови и постигна 120 и нешто голови. Би сакал и оваа сезона да бидам толку дефанзивен, па да постигнуваме толку голови и да освојуваме толку бодови“, изјави Мурињо.
Португалецот истакна и дека со текот на годините станал поотворен за сугестиите на своите соработници, како и дека посветува поголемо внимание на нивните забелешки за време на тренинзите.
Говорејќи за трката за „Златната топка“, во која Хари Кејн го победи Килијан Мбапе со само 28 бодови разлика, Мурињо ги пофали двајцата фудбалери.
„Имав привилегија да работам со Хари. Тој е фантастичен фудбалер, голем професионалец и извонредна личност. Жал ми е што мојот играч не ја освои наградата, но истовремено многу ми е мило за Хари. Тој е играч и човек кој го заслужува тоа задоволство. Од друга страна, Килијан е Килијан. Тој е единствен. Само еден фудбалер е најдобар стрелец во историјата на Светските првенства. Нема друг“, порача португалскиот тренер.










