Лазаров денеска прозива за мисијата Европско првенство 2028!

137

Македонската машка ракометна репрезентација денеска стартува нова мисија – пласман на Европското првенство во 2028 година, кое ќе се одржи во Шпанија, Португалија и Швајцарија.

Селекторот Кирил Лазаров и неговите момци се во групата 8, заедно со Шведска, Грција и Луксембург.

Прв противник во квалификациите е селекцијата на Луксембург. Натпреварот ќе се игра во среда, со почеток во 19 часот, во СЦ „Јане Сандански“, додека четири дена подоцна Македонија ќе гостува кај Грција.

Лазаров ќе ги прозива репрезентативците во хотелот „Александар Палас“ во 14:30 часот. Првиот ден нашиот селектор нема да ги има на располагање ракометарите на Вардар и Пелистер, кои денеска ќе играат дерби-натпревар. Ретко се случува на денот на собирот да се игра првенствен натпревар. Сето ова може да ги измести плановите кога станува збор за националниот тим, бидејќи во двата тима има клучни играчи, па наместо одморени, тие ќе бидат исцрпени, со оглед на тоа што станува збор за дерби-натпревар.

Новитет во нашата репрезентација е Дмитро Хориха, кој доби дозвола да игра во „црвено-жолтиот“ дрес. Тој ќе биде дел од овие квалификации, бидејќи се најде на скратениот список на Лазаров.

Македонија има девет учества на Европските првенства, од кои осум последователни, што значи дека го „брка“ десеттото континентално натпреварување во својата историја.

ПретходноВембањама испорача 43 поени, Мемфис остана перфектен (ВИДЕО)
СледноПМФЛ: Тиквеш е спремен за одмазда