Она што се случуваше во „Јане Сандански“ за време на вечното дерби помеѓу Вардар и Пелистер, а го приредија „Комити“ и „Чкембари“, е најубавата емоција што доаѓа од нашата земја во последниве денови, месеци, па и години.
Тоа е нешто што не може да се купи со пари, не може да се создаде со сила и не може да биде вештачко. Тоа е традиција, љубов и ритуал!
Да живее вечно ова дерби! Дерби без скандирања што немаат место на спортските трибини, дерби без политика, дерби на народот – „Ел Класико“ во ракометот и во Македонија.
И затоа ракометот е спорт број еден, спорт со силна публика која ги крева и клубовите и играчите. Без публика нема големи екипи, нема добри играчи, а со тоа нема ниту услови за создавање силна репрезентација.
Полна сала е мерак за душата, полно срце за сите актери на теренот. Денес едни победуваат, утре ќе дојде редот и на другите, но атмосферата е таа што се памети. А синоќа беше незаборавно…
Србија ја има кошарката, Турција фудбалот, а Македонија го има дербито број еден во ракометот!










