Луксембург беше одличен вовед за македонската ракометна репрезентација во квалификациите за пласман на Европското првенство 2028 година. Нашите момци пред домашната публика остварија убедлива победа од 41-23 и веќе целосно се насочуваат кон следната пречка, а тоа е гостувањето кај Грција.
Еден од најефикасните во нашите редови на првиот натпревар беше Александар Петковски, кој одлично ја искористи својата шанса и постигна пет гола.
„Среќен сум што одигравме според договореното и што ги исполнивме задачите што ни ги зададе селекторот. Сега имаме време на мир да се подготвиме за натпреварот што нè очекува во Грција, кој, секако, ќе биде поинаков од денешниот. Станува збор за многу добра репрезентација, што го покажа и на претходните квалификациски натпревари. Наше е да одиграме максимално, на високо ниво, да ги исполниме задачите и да се обидеме да стигнеме до победа“, рече Александар Петковски.
Натпреварот меѓу Грција и Македонија ќе се игра во недела со почеток во 16:00 часот.










