Моника Стојковска: Спортот е една од најдобрите инвестиции во сопственото тело и ум!

95
Фото: Приватна архива на Моника Стојковска

✍ Сашо Кузмановски

Таа е прва табла во македонската женска шаховска репрезентација. Зад себе има бројни трофеи, освоени турнири и кренати пехари на државните првенства. Таблата и фигурите ѝ се многу повеќе од пасија, а љубовта кон спортот ја носи во себе уште од најмладите години.

Моника Стојовска е македонска шаховска „кралица“, дама со силен интелект, борец и мотиватор за следните генерации кои доаѓаат пред 64-те црно-бели полиња. Денеска поразговаравме за шахот, најголемите успеси, позицијата на жените во спортот, почетоците, работите кои ја мотивираат, но и за видливоста на шахот во медиумите.

♟️ Пред да почнеме со сите останати аспекти за учеството на жените во спортот воопшто, морам да те вратам на почетоците на твојата трофејна кариера. Како Моника се најде во шахот и зошто токму таблата и фигурите беа твојот избор?

„Во моето семејство спортот отсекогаш имал посебно место. Уште кога имавме четири години, моите родители нè прашаа мене и сестра ми со кој спорт би сакале да се занимаваме. На таа возраст, секако, немавме јасна претстава што сакаме, но многу добро знаевме што не сакаме. Не нè привлекуваше ниту еден од понудените спортови, како пливање, ракомет и слично.

Татко ми дома имаше професионална шаховска гарнитура, а и самиот играл шах додека го отслужувал воениот рок. Така, на крајот се сети да ни го покаже шахот. Мене веднаш ми го привлече вниманието и се согласив да ме однесат на часови. Групните часови ми беа многу интересни, учевме нови работи, решававме задачи и игравме партии. Токму така се роди мојата љубов кон шахот, љубов која трае до ден-денес“.

♟️Шахот бара огромна концентрација, трпение, психолошка стабилност и способност за предвидување на противничките потези. Кој дел од играта ти претставува најголем предизвик?

„Турнирските партии во шах бараат огромен фокус, енергија, трпение, борбеност и истрајност, бидејќи можат да траат по неколку часа. Токму одржувањето на концентрацијата во текот на целата партија, дури и по толку години активно играње шах, можеби сè уште е најголемиот предизвик за мене.

Да останеш максимално фокусиран околу пет часа, колку што може да трае една шаховска партија, воопшто не е едноставно. Тоа бара добра психофизичка подготвеност. Иако шахот на прв поглед изгледа како спорт во кој седиме со часови, зад таа издржливост стојат и редовни физички активности. За да може умот да издржи пет часа под максимален напор, мора да биде подготвено и телото“.

♟️Како жена која долги години е во спортот и која има бројни успеси зад своето име, дали некогаш си почувствувала дека мораш да вложиш дополнителен напор за да го добиеш истото признание, почитување и респект што природно им се дава на твоите машки колеги?

„За жал, и покрај тоа што живееме во 21 век, жените во спортот сè уште се борат за еднакво признание, еднаков награден фонд, еднаков медиумски простор и еднаков респект. Шахот, за жал, не е исклучок.

Сметам дека патот на жените кон врвен спортски резултат честопати е потежок, особено кога спортската кариера треба да се усогласи со различните животни и семејни обврски. Затоа се надевам дека во иднина ќе гледаме сè поголема еднаквост, не само декларативно, туку и преку конкретни услови, можности и вреднување на резултатите“.

♟️Дали жените во спортот навистина имаат еднакви услови за успех? Кога зборуваме за финансирање, спонзори, тренажен процес, настапи на меѓународни натпреварувања и медиумско внимание, колку е реална родовата еднаквост?

„Во јуниорска конкуренција сметам дека, во однос на тренажниот процес и настапите на меѓународни натпреварувања, девојчињата и момчињата добиваат еднаков третман во рамките на својата возраст.

Разликите стануваат повидливи подоцна, особено во сениорска конкуренција, каде што честопати наградните фондови на женските и отворените турнири не се еднакви.

Од друга страна, шахот има една специфичност во однос на многу други спортови: шахистките имаат право да настапуваат и во отворена конкуренција, додека женската конкуренција е резервирана за шахистки. Тоа ни дава можност директно да се натпреваруваме со машките колеги и, според мене, токму тука шахот испраќа една многу силна порака“.

♟️Низ годините стана и повеќекратна државна шампионка на Македонија. Колку е тешко да се стигне до врвот, но и да се остане таму? Дали секоја нова титула носи поголем притисок и одговорност?

„Ниту еден успех не доаѓа лесно. Зад него стојат години работа со шаховски тренери, самостојна шаховска работа, лекции научени од изгубени шаховски партии и мотивација од победените партии.

Имав и сè уште имам голема поддршка од матичниот клуб „ШК Алкалоид“, каде што сум членка од 2008 година. Клубот низ годините ми овозможува услови и поддршка за моето шаховско усовршување.

Особено ги паметам моите почетоци како членка на женската шаховска репрезентација, во далечната 2009 година, кога бев резерва во тимот, за седум години подоцна, во 2016 година, да успеам да стигнам до настап на челната – прва табла. Оттогаш, веќе десет години во континуитет настапувам на челната табла на женската шаховска репрезентација.

За жал, во Македонија имаше години во кои воопшто не се одржуваше женско државно првенство во сениорска конкуренција. Во годините во кои настапував успеав да ја освојам титулата државна шампионка на Македонија. Секоја титула носи големо задоволство, но истовремено и поголема одговорност и мотивација“.

♟️Ме интересира твоето гледиште за односот на јавноста, медиумите и спортските институции кон успесите на жените во споредба со успесите на мажите. Дали сметаш дека еднакво се вреднуваат државната титула, меѓународниот успех или освоениот медал?

„Шахот генерално е многу малку застапен во медиумите. Во масовните медиуми ретко можеме да видиме информации за настапите и резултатите на македонските шахисти и шахистки на големи меѓународни натпреварувања. Сметам дека тоа е нешто на што во иднина треба многу повеќе да се работи, бидејќи медиумската видливост е важна и за популаризација на шахот меѓу младите.

Кога станува збор конкретно за вреднувањето на освоените титули и медали од страна на спортските институции, мојот впечаток е дека нема суштинска разлика во зависност од тоа дали станува збор за шахист или шахистка. Поголемиот проблем, според мене, е генерално недоволната видливост на шаховските успеси“.

♟️Ќе се присетиш ли на некои од најважните моменти во твојата шаховска кариера досега? Дали постои некоја победа или освоена титула што има посебно значење за тебе?

„Како еден од најдрагите моменти во мојата кариера го паметам освојувањето на двојна норма за титулата женски интернационален мајстор на Шаховската олимпијада во Баку во 2016 година.

Таму за првпат настапував на водечката, прва табла за женската шаховска репрезентација и успеав на еден турнир да освојам две од трите потребни норми за титулата WIM, женски интернационален мајстор. Тој резултат имаше посебно значење за мене бидејќи дојде токму на мојот прв настап на првата репрезентативна табла.

Потоа, на Европското екипно првенство во Грција, повторно настапувајќи на првата табла за женската репрезентација, ја освоив и третата потребна норма за титулата WIM. Тоа се моменти што остануваат засекогаш во сеќавање, бидејќи зад нив стојат години работа, подготовки и многу одиграни партии“.

♟️Колку е тешко за една македонска шахистка да се пробие на меѓународната сцена? Дали имате услови за квалитетни подготовки и настапи на силни меѓународни турнири?

„Благодарение на финансиската и тренерската помош од шаховскиот клуб Алкалоид, настапите на меѓународни натпревари ми се значително олеснети. Имам можност да добивам поддршка од најдобрите македонски велемајстори при подготовките за конкретни противници, како и да настапувам на силни меѓународни турнири. Во шахот ваквиот континуитет е исклучително важен, бидејќи без силни партии и натпревари со квалитетни противници многу потешко се напредува на меѓународната сцена“.

♟️Прашање кое е неизбежно за ваквите интервјуа: Каква е состојбата во македонскиот шах?

„Последниве години беа тешки за македонскиот шах. Сè уште се соочуваме со финансиски потешкотии поврзани со настапите на шаховските репрезентации, а дополнителен проблем е и неодржувањето на државни сениорски првенства во одредени години.

Шахистите се принудени да патуваат надвор од Македонија со цел да учествуваат на меѓународни ОПЕН шаховски турнири во стандарден шах, бидејќи во Македонија речиси и да не се одржуваат такви турнири.

Се надевам дека во годините што следуваат состојбата во македонскиот шах ќе се подобрува, дека ќе има поголема поддршка за репрезентативците, но и повеќе домашни и меѓународни турнири во Македонија“.

♟️Дали девојчињата денес имаат доволно можности, поддршка и мотив да започнат да се занимаваат со шах и да го изберат како сериозна спортска кариера?

„Бројот на девојчиња кои почнуваат да учат шах сè уште е значително помал од бројот на момчиња, што покажува дека има простор за многу поголема промоција и мотивација.

Мислам дека голема улога имаат и родителите. Потребно е уште од најмала возраст и девојчињата да бидат охрабрувани да го пробаат шахот, без предрасуди дека станува збор за спорт кој повеќе им припаѓа на момчињата.

Лично, секогаш ги охрабрувам девојчињата барем да пробаат. Шахот, и за девојчињата и за момчињата, развива концентрација, логичко и критичко размислување, меморија, трпение и способност за решавање проблеми.

Но, кога зборуваме за сериозна спортска кариера, талентот и желбата не се доволни. Независно од полот, потребна е голема поддршка од семејството, шаховските клубови и особено од државата. Сметам дека кај нас финансиската поддршка за шахот е сè уште недоволна, а тоа дополнително го отежнува патот од талентирано дете до сериозен професионален спортист“.

♟️Што те научи шахот во животот, надвор од спортската табла? Дали способноста да размислуваш неколку потези однапред ти помага и во секојдневните одлуки?

„За мене шахот навистина е живот во мало, сместен на 64 полиња. Секоја партија е ново искуство во кое носиш одлуки, преземаш ризик, правиш грешки, се приспособуваш и продолжуваш понатаму.

Шахот ме научи детално да планирам неколку чекори однапред, да визуелизирам различни сценарија, критички да размислувам и да ги согледувам проблемите од повеќе страни. Сето тоа ми помага и во секојдневниот живот и во одлуките што ги носам.

Но, можеби најважната лекција што ми ја дал шахот е по секој пораз да станам посилна, да научам нешто од него и повторно да се борам“.

♟️Каква порака би им испратила на младите девојки кои сакаат да се занимаваат со спорт, но се двоумат? Што би им порачала од сопственото искуство?

„На младите девојки би им порачала пред сè да бидат храбри и да не дозволат предрасудите да одлучуваат наместо нив. Спортот е една од најдобрите инвестиции во сопственото тело и ум.

Нека не се плашат ниту од машката конкуренција. Шахот ме научи дека кога ќе седнеме на спротивните страни од таблата, полот не го одредува резултатот. Го одредуваат знаењето, подготовката, концентрацијата и карактерот. А од лично искуство ќе признаам дека победата против силен машки противник секогаш носи посебно задоволство, не затоа што е маж, туку затоа што е уште една потврда дека талентот, трудот и знаењето немаат пол“.


***Редакцијата на „СпортСпорт“ им се заблагодарува на Ракометната Федерација на Македонија и Кошаркарската Федерација на Македонија, кои ги отворија вратите за проектот „Женски Спортски Приказни“ и без двоумење прифатија да не поддржат во реализација на истиот***

Голема благодарност до нашите партнери: ТРИГЛАВ ОСИГУРУВАЊЕ ЖИВОТ АД СКОПЈЕ. 

ПретходноАморим по новиот европски неуспех: Нема оправдување, не сме подготвени да играме на секои три дена
СледноПред 30 години падна Реал Мадрид, денеска МЗТ Скопје е тажна слика во Европа!