Откриено каков план имал несреќниот голман за погребот, го спречиле во последен момент!

859

Фудбалскиот свет пред неколку дена го потресе трагедија во Шпанија, каде што по жесток судир со противничкиот голман почина напаѓачот на Тенерифе, Хесус де Мигел.

Сè се случило во самиот финиш на натпреварот, кога Де Мигел и Хесус Овоно се судриле, по што напаѓачот на Тенерифе останал неподвижен да лежи на теренот.

Долго време му била укажувана лекарска помош, а медицинските екипи го реанимирале на теренот. Откако успеале да го вратат во живот, напаѓачот на Тенерифе бил пренесен во болница и се чинело дека би можел да се извлече.

Сепак, неговата состојба се влошила во текот на ноќта, а следното утро од клубот соопштиле дека Де Мигел починал, што предизвика голем шок во фудбалскиот свет.

Голем број критики беа упатени кон Овоно, кому многумина му порачаа дека непотребно и премногу остро влегол во дуелот, при што директно со коленото го удрил Де Мигел во градите. По ударот, напаѓачот доживеал срцев удар, од чии последици на крајот починал.

Овоно е скршен од болка поради сè што се случило, а се појавија и информации дека би можел да се соочи со затворска казна или долготрајна суспензија.

Голманот на Андора тешко ја поднесува целата ситуација, па ги деактивирал своите профили на социјалните мрежи, откако почнале да му пристигнуваат коментари во кои го нарекуваат убиец. Исто така, се шпекулира дека, без оглед на полициската истрага, би можел да стави крај на кариерата.

Несреќниот голман и утрово се најде во центарот на вниманието, откако шпанските медиуми објавија дека имал намера вчера да присуствува на погребот на Де Мигел, но на крајот не го сторил тоа.

Напаѓачот на Тенерифе беше погребан во Навахермоса, населено место недалеку од Мадрид, а на погребот присуствувале бројни познати личности. Емоциите не можеле да се сокријат, а целиот настан бил исклучително потресен.

Шпанските медиуми наведуваат дека Овоно сакал да присуствува на погребот откако дознал кога ќе се одржи, па дури и се подготвил да тргне кон Мадрид, но бил спречен во намерата.

Неговото семејство, пријателите и членовите на клубот го разубедиле, бидејќи сметале дека неговото присуство на погребот би предизвикало непотребно внимание и дека веројатно ќе имало луѓе кои би го нападнале со жестоки критики.

Иако Овоно бил подготвен да тргне, на крајот се откажал и останал дома, очигледно сфаќајќи дека неговото присуство на погребот можеби не би било најдобриот потег и дека речиси сигурно би предизвикало непотребен хаос.

На голманот на Андора сигурно не му е лесно, а и самиот се огласи на социјалните мрежи по трагичниот настан.

„Ова се најтешките денови во мојот живот. Тешко ми е да ги пронајдам вистинските зборови и многу тешко го прифаќам сето она што се случи. Чувствувам огромна болка поради загубата на Хесус. Мислите ми се со него, неговото семејство и сите луѓе кои го сакаа. Знам дека ќе има многу прашања за кои ќе се разговара и ќе се соочам со сè што следува, со должна почит“, порача Овоно.

ПретходноГолден Стејт подготвува максимален договор за Никола Јокиќ
СледноАморим по новиот европски неуспех: Нема оправдување, не сме подготвени да играме на секои три дена