Малески: Пресреќен сум за голот, многу значајна победа за Струга ТЛ

0

Како и обично кога се играат вакви дерби мечеви, како оној денешниот меѓу Струга ТЛ и Шкендија, решава еден потег, еден кикс или една мајсторија на еден играч.

Таква мајсторија искажа Христијан Малески во 73.минута кога го совлада Гаје и му донесе голема, голема победа на својот тим. Гол со кој Струга ТЛ сега е лидер во ПМФЛ по ова 13.коло.

По мечот за “СпортСпорт“ херојот на Струга ТЛ, Христијан Малески не го криеше своето задоволство:

“Што да се каже по еден ваков натпревар? Секако дека сум пресреќен за голот, а посебно за тоа дека тоа беше победнички гол со кој ете, сега сме лидери на табелата. Тежок меч, како за нас така и за Шкендија, вистинско дерби со по неколку шанси, но ете, за наша среќа реши тој мој гол во 73.минута и затоа ќе повторам дека сум пресреќен“ посочи Малески, “МАШИНАТА“ за голови.

Ова беше седма победа на Струга ТЛ на свој терен:

“Уште еден доказ дека Струга ТЛ е квалитетен тим подготвен за големи работи. Имаме добар тим, одлична атмосфера во клубот и кога е така, а така е, тогаш јасно е дека нам ни останува само да го прикажеме тоа што го знаеме на теренот. Секако дека не е мала работа дома да имаш седум од седум и тоа без примен гол“.

Сега Струга ТЛ е лидер со +2 пред втората Шкендија, дали се помислува и на есенската титула? Инаку ова беше седми погодок на Малески во сезоната:
„Зошто да не? Сега кога сме лидери секако дека сакаме таму да завршиме и по есенскиот дел, но и на крајот на сезоната во мај. Сепак рано е уште за такви математики, има уште многу, многу да се игра. Најважно е Струга ТЛ да продолжува да победува. Реков и претходно, среќен сум за овој мој гол, седми сезонски, кој е еден од најубавите во мојата досегашна кариера“ заврши “бомбардерот“ на стружани.

ПретходноМакедонија со Далија Стојановска за првпат со свој учесник на ЕП во велокрос!(ФОТО)