Петровски: Мора да бидеме реални дека создавањето конкурентна репрезентација е процес кој бара време и трпение!

46
Фото: КФСМ

Виктор Петровски ја доби довербата на раководството на Кошаркарската федерација на Македонија да ја предводи женската сениорска репрезентација во наредниот период. За новиот селектор, меѓутоа, нема многу време за адаптација, бидејќи пред македонската селекција е ноемврискиот циклус од претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година.

Македонија ја очекуваат два натпревари. На 11 ноември гостува во Букурешт, каде ќе се соочи со Романија, додека три дена подоцна, на 14 ноември, во Штип ќе ја пречека селекцијата на Естонија.

Новиот селектор на женската сениорска репрезентација најавува генерациска промена, долгорочна визија и процес во кој младите кошаркарки ќе добијат можност да растат и да се докажуваат на меѓународната сцена.

„Сакам да ѝ се заблагодарам на Кошаркарската федерација на Македонија за укажаната доверба и можноста да ја преземам функцијата селектор на женската сениорска репрезентација. За мене ова претставува голема чест, но истовремено и голема одговорност.

Свесен сум за предизвиците што ги носи оваа функција, особено во женскиот репрезентативен сегмент, и ќе дадам сè од себе за да одговориме на обврските што нè очекуваат“.

Веќе на почетокот од Вашиот мандат следуваат два важни натпревари од претквалификациите за Евробаскетот 2029. Во каков период ја преземате репрезентацијата и што можеме да очекуваме од Македонија во ноемврискиот циклус?

„Свесен сум дека пред нас е сериозен предизвик и дека влегуваме во период на голема генерациска промена. Репрезентацијата ќе добие поинаков лик, со многу млади кошаркарки кои допрва треба да го стекнат потребното меѓународно искуство и да се докажат на сениорско ниво. Она што е важно да се напомене е дека во овие претквалификации ќе настапиме со навистина млада репрезентација, можеби и една од најмладите во конкуренцијата. Тоа носи свои предизвици, бидејќи голем дел од кошаркарките допрва ќе го градат своето искуство на сениорско меѓународно ниво“.

Значи, станува збор за процес кој бара трпение и континуитет. Каква е Вашата визија за развојот на женската сениорска репрезентација?

„Мора да бидеме реални и да разбереме дека создавањето конкурентна репрезентација е процес кој бара време, трпение, доверба и континуитет во работата. Не можеме да очекуваме најдоброто од оваа генерација да го видиме веднаш.

Мојата визија е да размислуваме долгорочно, во период од наредните три до четири години. Сметам дека во овој момент е многу важно сите да имаме заедничка цел и да бидеме свесни дека пред нас е процес кој бара време и разбирање.

Ни претстои период во кој овие кошаркарки ќе треба да стекнуваат искуство, да растат како индивидуи и како тим и постепено да ја преземаат одговорноста што ја носи настапот за сениорската репрезентација. Затоа, поддршката и довербата од сите страни ќе бидат од големо значење. Важно е да не гледаме само на резултатот од еден натпревар, туку и на напредокот што ќе го правиме од собир до собир“.

Кога станува збор за непосредната работа со репрезентативките, што ќе биде Вашиот приоритет? Каква атмосфера и тим сакате да изградите?

„Мојата прва цел е да создадеме позитивна атмосфера и тим во кој секоја кошаркарка ќе знае дека има своја улога и одговорност.

Сакам кошаркарките да доаѓаат на секој собир со желба, енергија и мотив за работа. Да бидат горди што го носат националниот дрес и секој следен „прозорец“ да го доживуваме како нова можност за напредок“ – смета Петровски пред првите предизвици, натпреварите со Романија и Естонија.

ПретходноМалески: Посакуваме победа против Словенија, а зошто не и против Шкотска….
СледноТИМ И ИГРАЧ НА 13.КОЛО: Малески е херојот на Струга ТЛ