Деле Али го запали дресот на Арсенал по изгубениот облог (ВИДЕО)

0
Поранешниот англиски репрезентативец Деле Али покажа дека и покрај изгубениот облог, не го заборавил ривалството меѓу неговиот поранешен клуб Тотенхем и градскиот ривал Арсенал.

Сè започна за време на пренос во живо со популарниот американски стример iShowSpeed. Двајцата се натпреваруваа во фудбалската видеоигра EA Sports FC 27, а договорот беше поразениот да мора да облече дрес на Арсенал.

Али ги загуби двата натпревари. Во првиот, играјќи со Пари Сен Жермен, беше поразен од Баерн со 7:2, додека во вториот, со Ал Кадисија, загуби од Ал Наср со 4:2. Поразите очигледно тешко му паднаа, па во еден момент од нервоза неколкупати го фрли контролерот на подот и го искрши.

На крајот мораше да го исполни облогот и да го облече дресот на најголемиот ривал на Тотенхем. Ова е особено интересно ако се знае дека Али настапуваше за клубот од северен Лондон од 2015 до 2022 година.

Фотографија со дресот на Арсенал објави и на Инстаграм, со порака:

„Извинете, навивачи на Спарс, но облогот си е облог. Честитки, iShowSpeed“.

Сепак, не издржа долго во дресот на „топчиите“. За време на преносот на платформата „Twitch“, Али објави видео на кое го пали дресот на Арсенал, а потоа сподели и фотографија од уништената облека на подот, покрај апарат за гаснење пожар.

„Speed, облогот си е облог! Но, ова се вика последица“, напиша Али покрај објавата, која брзо се прошири на социјалните мрежи.

Неговиот потег добива дополнителна тежина ако се знае дека уште во 2016 година изјави дека попрво би ја завршил фудбалската кариера отколку да заигра за Арсенал.

Али сè уште бара начин за враќање во фудбалот

Додека се забавуваше со iShowSpeed на социјалните мрежи, Али продолжува да бара начин за враќање на професионалниот фудбал.

Без клуб е од септември 2025 година, кога заврши неговиот ангажман во Комо. Последниот официјален настап го имаше во март истата година, кога дебитираше за италијанскиот тим, но доби црвен картон само девет минути по влегувањето во игра.

Во меѓувреме тренираше со англискиот нисколигаш Барнет и полупрофесионалниот клуб Виндзор и Итон, надевајќи се на нова можност.

На врвот од кариерата важеше за еден од најталентираните фудбалери од својата генерација, а интерес за неговите услуги покажуваше и Реал Мадрид. Неговата пазарна вредност во еден период се проценуваше на 100 милиони евра.

За Тотенхем одигра 269 натпревари и постигна 67 голови, а со лондонскиот клуб стигна до финалето на Лигата на шампионите во 2019 година. За репрезентацијата на Англија забележа 37 настапи.

ПретходноОлимпија Милано воведе дисциплина: Македонскиот репрезентативец казнет поради доцнење