Вардар соопшти кој може да го следи дуелот со Алкалоид!

1
Фото: РК Вардар

Викендов треба да се одигра уште еден дерби-натпревар, овојпат против градскиот ривал Алкалоид. Средбата е закажана за 14 ноември 2026 година, сабота, со почеток во 18,30 часот, а домаќин е Вардар. Натпреварот од 10. коло во Суперлигата ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, но во малата сала, соопштија од Вардар.

„Причината за оваа промена е зафатеноста на другите соодветни спортски објекти во Скопје. Во големата сала во СЦ „Јане Сандански“ ќе се одржува турнир во кикбокс, СЦ „Борис Трајковски“ е зафатен поради Саемот на книгата, додека во салата „Расадник“ ќе се одржува боксерски турнир.
Вардар вложи максимални напори да обезбеди соодветна сала и термин за одигрување на натпреварот. Како можна опција беше понуден и термин два дена по завршувањето на колото, но поради густиот натпреварувачки распоред на противникот, тоа решение не можеше да биде реализирано.
Поради ограничениот капацитет на малата сала, натпреварот ќе можат да го следат само сопствениците на сезонски билети со пластична сезонска картичка, како и членовите на навивачката група „Комити“.
Свесни сме дека голем број наши навивачи сакаа да бидат дел од овој натпревар и да му дадат поддршка на тимот од трибините. Искрено жалиме што овојпат нема да бидеме во можност да ги пречекаме сите заинтересирани.

Им благодариме на навивачите за разбирањето и за постојаната поддршка. Се надеваме дека во иднина нема повторно да се соочиме со ваква ситуација и дека следните натпревари ќе ги играме пред сите вардарци кои сакаат да бидат со својот клуб“, велат од таборот на актуелниот македонски првак. 

ПретходноАмерика е на нозе поради Никола Јокиќ, се подготвува нешто незамисливо!