Сања Адамовска: „Имаме натпреварувачки дух, верувам дека секоја од нас ќе го даде својот максимум“

0

Женската сениорска репрезентација на Македонија утре (среда) ги започнува настапите во претквалификациите за Евробаскетот 2029. Прв противник на избраничките на Виктор Петровски ќе биде селекцијата на Романија, а натпреварот во Букурешт е закажан за 18:00 часот.

Во пресрет на почетокот на новиот квалификациски циклус, репрезентативката Сања Адамовска говори за предизвикот што ја очекува подмладената македонска селекција, атмосферата во тимот и очекувањата од првиот дуел.

Адамовска нагласува дека носењето на националниот дрес секогаш е посебна чест, а и покрај отсуството на дел од поискусните кошаркарки, верува во потенцијалот и натпреварувачкиот дух на новиот состав.

„Да се настапува за својата држава и да се носи националниот дрес секогаш претставува чест и задоволство. Во овој ростер фалат доста искусни кошаркарки кои ја одбележаа македонската кошарка, но овој подмладен нов состав има натпреварувачки дух и желба за успех.

Ова ќе биде состав што во иднина ќе треба да даде позитивни резултати, но можам да кажам дека сум доста задоволна од хемијата и позитивата која владее на тренинзите. Во пресрет на дуелот со Романија очекувам доста борба и верувам дека секоја од нас ќе го даде својот максимум“, истакнува Адамовска.

Македонија во Букурешт го отвора новиот циклус со желба за позитивен почеток, а првиот натпревар ќе биде можност подмладениот национален состав да го покаже својот карактер и потенцијал.

ПретходноМТЕЛ СУПЕРЛИГА – ПЕТОРКА НА 6. КОЛО: Гуден со еден индексен поен повеќе пред Сила