Покоњоли: Ќе нападнеме од прва минута, сакаме победа на нашиот стадион!

75

Селекторот на Шкотска, Себастијан Покoњоли, вели дека дуелот со Македонија утре во Глазгов е нова можност за прва победа на „Хемпден парк“. Белгискиот стратег досега има две домашни средби со Шкотска, но и два порази – од Швајцарија и од Словенија.

Шкотите славеа против Македонија со 2:0 во Скопје, во претходниот меѓусебен дуел под водство на Покоњоли, па сега ќе сакаат да го повторат резултатот пред своите навивачи. За селекторот ова е важен натпревар и поради потребата од подобрување на впечатокот по последниот пораз од Словенија.

„Критиките се дел од работата на еден тренер. Најважно е да се вратиме посилни“, порача Покоњоли, кој призна дека неговиот тим не бил доволно интензивен и агресивен на последниот натпревар.

„Начинот на кој сакаме да играме бара интензитет и токму врз таа основа можеме да изградиме добра игра. Мора да бидеме подготвени уште од првата минута. Првата домашна победа за мене, заедно со овие момци, ќе биде многу важна. Ако успееме да ја оствариме со добра фудбалска игра, тоа ќе биде уште позначајно. Но, потребна ни е победа и за да создадеме позитивно чувство врз кое ќе градиме пред мартовскиот собир. Отсекогаш имам огромно восхитување за она што го приредија навивачите на Шкотска, познати како ‘Тартан армија’, на последните две големи натпреварувања. Нивната репутација е добро позната низ Европа, низ целиот свет, па дури и во Белгија. Навистина сме импресионирани од шкотските навивачи.“

Шкотскиот селектор очекува поголем придонес од искусните фудбалери, меѓу кои и Скот Мектоминеј, кој повторно е во составот по здравствените проблеми. Неговото враќање го оцени како значајно за тимот, особено поради лидерските квалитети и влијанието врз помладите играчи.

„Тој носи искуство. Тој е лидер. Возрасниот просек во тимот е прилично низок, па неговото присуство е огромно значење за нас – може да им ја пренесе пораката на младите и да им покаже во кој правец треба да се движат“, изјави Покоњоли на денешната прес-конференција пред дуелот со Македонија.

ПретходноКапитенот на Шкотска утре против Македонија ќе го израмни рекордот на Кени Далглиш
СледноСтрумица со пораз се враќа од Финска во првиот меч од Челинџ Купот