Во пресрет на вечерашниот дуел во Глазгов, да не се повторуваме, но Македонија е без гол 787 минути а со Гоце Седлоски 720 минути. Сегашниот селектор вечерва по деветти пат ќе ја предводи Македонија и сеуште се нема израдувано, не само на победа, туку на реми па и на погодок. Факт е дека играме слабо, катастрофално. На тие четири меча од актуелниот циклус во Б Лигата на Нации речиси и да не создадовме шанса, на некои не упативме удар.
И кога е така, а така е, да видиме на кого вечерва Седлоски ќе смета во однос на напаѓачите. Од кого да очекува гол.
Тука се Дарко Чурлинов, Љупче Дориев, Димитар Митровски, Елмин Растодер, Азер Омерагиќ, Христијан Малески и Марко Ѓорѓиевски кој чека на своето деби.
И доаѓаме до интересен податок. Од сите овие само Чурлинов “тресел“ за Македонија, само тој знае како е да се даде гол или голови, а ги има пет, за својата репрезентација.
Секако дека најголемото изненадување на Седлоски беше што не го повика нашиот најдобар напаѓач Бојан Миовски, но нели, секој си одговара за своите постапки и секако за успесите или подобро кажано за неуспесите.










