Во составот на македонската фудбалска репрезентација, кој утрово беше пријавен во УЕФА на состанокот со делегатот на натпреварот, ги нема тројцата фудбалери кои отпатуваа со тимот во Глазгов.
Станува збор за Јани Атанасов, кој поради жолти картони нема право на настап, Димитар Митровски, кој се пожалил на повреда, и Никола Серафимов, повратник во националниот тим, кој сè уште е надвор од стројот поради повреда.
Без овие тројца фудбалери, Гоце Седлоски ќе го предводи тимот на вечерашниот дуел со Шкотска, кој започнува во 20:45 часот на стадионот „Хемпден парк“.
Од фудбалерите на кои селекторот ќе може да смета, а кои се пожалија на повреди на синоќешниот тренинг, е и Алиоски. Левиот бек се очекува да биде стартер, особено ако се земе предвид неговиот одличен настап против Швајцарија, како и формата во клупскиот дрес.
Во текот на денот Седлоски ќе ги открие картите и ќе стане познато со кои 11 фудбалери ќе го започне натпреварот. Македонија ќе се обиде да ја прекине црната серија од 12 натпревари без победа и осум средби без постигнат гол.










