Повторно Шпанија и повторно сцени од кои застанува здивот (ВИДЕО)

0

Бетис со многу мака го победи нисколигашот Навалкарнеро со 3-2 по продолженијата, но и овој натпревар го одбележа интервенција на лекарската екипа откако Диего Љоренте доби навистина тежок удар.

Нова голема драма се случи вечерва во шпанскиот фудбал. На натпреварот од Купот на кралот меѓу Навалкарнеро и Реал Бетис, потешко настрада дефанзивецот на тимот од Севилја, Диего Љоренте.

Во 102. минута од средбата, Љоренте во еден дуел со противнички фудбалер доби силен удар во главата. Веднаш остана да лежи на тревникот, а фудбалерите побараа итна интервенција на лекарската служба.

Колку сериозна била ситуацијата покажува и фактот што неговиот соиграч Дани Себаљос почна да се моли на теренот. Шпанија неодамна беше потресена од смртта на фудбалерот на Тенерифе, Хесус де Мигел, па сцената со Љоренте предизвика страв кај сите присутни.

За среќа, фудбалерот на Бетис набргу успеа да стане на нозе. Секако, не можеше да го продолжи натпреварот, но најважно е што неговата состојба е добра.

За состојбата на својот фудбалер по натпреварот говореше и тренерот на Бетис, Мануел Пелегрини, кој потврди дека Љоренте е добро.

„Доби удар во главата и ја загуби свеста. Сепак, две-три минути подоцна, во соблекувалната, веќе беше добро“, изјави Пелегрини, кој додаде: „Веќе ги помина сите прегледи. Нема никакви повреди“.

Во мислите на фудбалската јавност сè уште се сцените со несреќниот напаѓач на Тенерифе, Хесус де Мигел, кој почина на 3 ноември.

Да потсетиме, врз него грубо стартуваше голманот на Андора, Хесус Овоно. Ударот во градите беше кобен за 30-годишниот фудбалер.

Иако веднаш беше пренесен во болница, неговото срце не издржа. Почина како последица на срцев удар.

Оваа трагедија го потресе фудбалскиот свет. Стравот сега е уште поголем, особено кога ќе се видат вакви сцени, како вечерашната со Љоренте.

ПретходноЛН: Црна Гора со гол во 91. минута обезбеди промоција во Б-лигата