Рекордни награди на Завршниот мастерс: Шампионот може да заработи повеќе од пет милиони долари!

29
Најдобрите тенисери во светот ќе имаат можност да заработат огромни суми на Завршниот мастерс во Торино, бидејќи наградниот фонд на овогодинешниот турнир достигна рекордни 15,75 милиони долари.

Осумте најдобри тенисери во сезоната ќе се борат за престижната титула, 1.500 АТП-поени, но и за финансиски награди кои се меѓу најголемите во светот на тенисот.

Секој учесник кој ќе ги одигра сите три натпревари во групната фаза ќе заработи 338.000 долари само за учеството, додека секоја победа во групата ќе му донесе дополнителни 405.000 долари.

Пласманот во финалето, односно победата во полуфиналниот натпревар, носи уште 1.206.000 долари, додека триумфот во финалето вреди дополнителни 2.412.000 долари.

Сепак, најголемата сума е резервирана за тенисерот кој ќе успее да ја освои титулата без ниту еден пораз.

Во тој случај, шампионот за само пет победи ќе заработи неверојатни 5.171.000 долари, сума која ги опфаќа сите бонуси предвидени во текот на натпреварувањето.

Дури и резервните тенисери кои ќе добијат можност да настапат ќе можат да сметаат на значителна заработка, бидејќи за нив е предвиден надомест од 156.000 долари.

Покрај рекордната парична награда, непоразениот шампион во Торино ќе освои и максимални 1.500 АТП-поени, што го прави Завршниот мастерс еден од најважните турнири во тениската сезона.

ПретходноПет меча и само една победа против Шкотска: Дали петок 13-ти ќе биде среќен за нас?! (ВИДЕО)
СледноЛапорта се налути поради повикот на Рафиња, а сега Анчелоти испрати силна порака