Вечерва во рамките на 7.коло во елитната кошаркарска лига се одиграа два меча кои и тоа како беа драматични и на кои Тиквеш дома славеше со Пелистер со 72:70, а во Гевгелија ТФТ како гостин го победи Кожув со 86:88 и тоа по едно продолжение.
Битолчани во Кавадарци подобро го отворија мечот, по првиот период беше +4 за нив, но во продолжение од средбата Тиквеш врати а победата дојде дури во самиот финиш кога кавадарчани знаеја како треба да одиграат. Ова е нивна четврта победа а за Пелистер ова е петти пораз.
Кога сме кај најефикасните на мечот, кај домашните тоа беа Сукс со 21 и Смит со 19 поени. Кај гостите Кочовиќ и Вилсон запишаа по 16 поени.
ТФТ по едно продолжение, исто така во драматичен дуел успеа да го победи домашниот Кожув.
Во текот на целиот меч гледавме израмнет меч на резултатски план, ниту една екипа не успеа да се “одлепи“. Гостите имаа шанса уште во регуларниот дел да слават, но сепак домашните со погодени слободни фрлања во самиот финиш го однесоа мечот во продолжение. А таму ТФТ подобро се снајде и успеа на крајот да слави со 88:86 иако треба да се каже дека домашните имаа шут за три поени кои не го реализираа.
Ова беше четврта победа за ТФТ и четврти пораз на тимот од Гевгелија.
Кај победничкиот состав се истакна Сила со 25 поени, додека кај гевгеличани најефикасни беа Симиќ и Армстронг со по 20 поени.










