Убедливо последна, најслаба од сите во сегментот Б од Лигата на нации е репрезентацијата зад која стојат само порази во ова натпреварување на УЕФА, преку кое малите селекции како Македонија имале и ќе имаат шанса да се изборат за настап на големите натпреварувања. Македонија со нов пораз, па сега има „пет од пет“ во групата по вчерашните 2:1 во Шкотска.
Бевме подобри од она што ни се случуваше во октомври, но поразите се порази и во модерниот фудбал: „НЕМА ДОБАР ПОРАЗ“!
Националниот тим, нашиот – државниот, кој не така одамна уриваше титани како Италија, Германија… и обезбедуваше учество на ЕП, епски баражи за СП… А еве сега, по вчерашниот натпревар, се радуваме на постигнат гол! Прекината е таа црна серија од осумстотини и кусур минути без гол, но онаа другата црна серија од 13 средби без победа сè уште е активна и таа се брои. Головите не се бројат – посебно не кога се губи и кога зад салдото стои тешка „НУЛА“ од бодови. Головите се „бројат“ само кога не се губи, а вака се само статистички податок.
По толкав пост и по толку многу натпревари не е можно топката да не влезе во голот и тоа се случи преку Растодер, по нафрлување од корнер (само така може или од слободен удар). А не дека немавме и други прилики синоќа во Глазгов, во меч на кој Шкотска заслужено победи. Имаа повеќе шанси и подобра игра, но и спорниот момент и одлуката на ВАР беа правилни.
Има ли причини за радост, за оптимизам…?
Што беше добро вчера на „Хемпден парк“ во Глазгов? Имавме добар настап од голот за 1:1 до пеналот и новото водство на домашната селекција. Тоа се 15–20 минути за кои велиме дека беа добри, затоа што во првото полувреме беше „очобол“ да се гледа играта на нашиот национален тим и поставеноста на теренот од страна на селекторот Гоце Седлоски. И како и секогаш, ги броиме нашите моменти, а забораваме какви прилики имаа противниците и што бранеше Столе Димитриевски. Забораваме на огромните и почетнички грешки во нашиот состав, кои за наша среќа многупати останаа неказнети. А игравме против Шкотска!!! Не против Германија, Италија, Швајцарија… Со Шкотска игравме и од таму сме знаеле да се вратиме и непоразени во минатото.
Но, сега се нови времиња – модерно е да се „зборува за убави работи“, а притоа да се игнорираат поразите, лошите серии, падот на ФИФА-листата, слабата посета на домашните натпревари, реакцијата на нацијата и очајот и критиките кои ги преплавуваат социјалните мрежи. Битно, гол дадовме – и со тоа се носи заклучок дека ете, ни тргна и на нас! Никој не сака да види дека овој наш тим е далеку од она што бил и што треба да биде.
Следува Словенија во Скопје во понеделник, за крај на оваа мизерија и крај на ова издание од Лигата на нации. Во март нè чека плеј-оф за опстанок, а од есента следната година се главните квалификации за ЕП 2028. Тешко нам ако се лажеме со „добри порази“!










