Мунир Насрауи, таткото на фудбалерот на Барселона, Ламин Јамал, јавно ја искажа својата гордост од постапките на младиот ас и неговиот однос кон најблиските.
За време на пренос во живо на социјалната мрежа ТикТок, Насрауи зборуваше за благодарноста кон својот син, истакнувајќи ја неговата дарежливост и грижата за семејството.
„Некои фудбалери, кога ќе станат професионалци, си купуваат цели острови. А знаете ли што направи Ламин? Купи куќа за својата мајка, купи куќа за својот татко и купи куќа за својата баба. Што е лошо во тоа? Ништо. Тоа е вистинска причина за гордост. Ти благодарам, Ламин. Горди сме на тебе, сине. Твоето семејство те сака, те цени и секогаш ќе биде покрај тебе – деноноќно и без оглед на сè“, порача таткото на фудбалерот.
Насрауи упати критики и до оние кои не се грижат за сопствените родители, а истовремено ги осудуваат постапките на другите.
„Луѓе кои не прават ништо за своите родители и немаат време за нив, се занимаваат со критики… Не, пријателе, кај мене тие работи не поминуваат. Мене не можеш да ме измамиш“, порача Насрауи.










