Јокиќ и Мареј влегоа во историјата на НБА: Денвер победи, со рекорд каков што досега никој не остварил (ВИДЕО)

0
фото: Denver Nuggets (X)
Денвер на четирите гостувања во низа забележа три победи, а единствениот пораз го претрпе од Хјустон. Последниот триумф го оствари на гостувањето кај Њу Орлеанс, совладувајќи ги Пеликанс со 116:108, во натпревар во кој Никола Јокиќ и Џамал Мареј испишаа историја во НБА-лигата.

Српскиот центар и канадскиот бек станаа првиот тандем во историјата на НБА кој меѓусебно си поделил повеќе од 1.000 асистенции, откако оваа статистика официјално се евидентира од сезоната 1997/98.

Јокиќ беше блиску до трипл-дабл учинок, завршувајќи го натпреварот со 26 поени, 10 асистенции, осум скока и три украдени топки. Мареј го следеше со 23 поени, девет асистенции, седум скока и две блокади. Во редовите на Њу Орлеанс, најефикасен беше Зајон Вилијамсон со 24 поени.

Гостите во најголемиот дел од натпреварот го контролираа резултатот и темпото на играта. Клучната разлика ја направија на почетокот од последната четвртина, кога поведоа со двоцифрена предност (95:82), по што рутински го приведоа дуелот до крај.

Денвер сега е на седмото место во Западната конференција со биланс од седум победи и четири порази, додека Њу Орлеанс е 12. со четири победи и 10 порази.

Резултати:

  • Њу Орлеанс – Денвер 108:116
  • Кливленд – Далас 127:117

  • Мемфис – Бруклин 129:110

  • Мајами – Детроит 137:117

  • Минесота – Чикаго 106:117

ПретходноДе ла Фуенте: Чудно е што шпанските фудбалери се поевтини од англиските, а се подобри!