Лука Дончиќ со своите Лос Анџелес Лејкерс славеше против Феникс Санс со 131:123. Словенечкиот кошаркар постигна 43 поени и уште еднаш беше најзаслужен за победата на Лејкерс, 12-та сезонава по 14 одиграни натпревари.
Дончиќ во текот на натпреварот направи и необичен потег. Ѝ ја зеде таблата за цртање акции од рацете на помошната тренерка Линдзи Хардинг и самиот нацрта како треба да изгледа следниот напад на Лејкерс. Погледнете го интересниот момент ТУКА.
Лејкерс и Сан Антонио го предводат Западот и целата НБА-лига
За Дончиќ ова беше седми натпревар сезонава на кој постигнал повеќе од 40 поени. Лејкерс моментално се на втората позиција во Западната конференција, со ист учинок како лидерот Сан Антонио, кој славеше против Јута со 110:102.
До победата во Солт Лејк Сити, Сан Антонио го предводеа Дилан Харпер со 31 поен и девет скока, како и Виктор Вембањама со 26 поени, 10 скока и шест асистенции.










