Македонската фудбалска репрезентација во март следната година ќе ја очекува еден од најважните предизвици во последниот период – двомечот за опстанок во Б-лигата на Лигата на нации. Противникот ќе биде една од четирите селекции кои го освоија второто место во своите групи во Ц-дивизијата: Белорусија, Кипар, Фарските Острови или Естонија.
На прв поглед, Македонија има причини за оптимизам, но ако погледнеме како одигравме во Лигата на нации во овие шест натпревари, кој знае на што треба да се надеваме. Со исклучок на Естонија, останатите три можни ривали и немаат значително подобар резултатски биланс во групната фаза.
Белорусија е селекција која може да се смета за еден од најнепријатните потенцијални противници. Во својата група освои 10 бода, со три победи, едно реми и два порази, а постигна седум и прими само четири гола. Особено е важно што Белорусите покажаа добра дефанзивна стабилност.
Кипар на хартија изгледа како противник со кого Македонија би можела да се носи. Кипарците освоија осум бода, со две победи, две ремија и два порази, а гол-разликата им е 7:8. Тоа е селекција која има одреден напаѓачки потенцијал, но и покажа слабости во одбраната.
Фарските Острови се можеби најспецифичниот противник од оваа конкуренција. Во шест натпревари освоија осум бода, со една победа и дури пет нерешени средби, без ниту еден пораз. Постигнаа осум, а примија седум гола. Овој биланс покажува дека станува збор за дисциплинирана и тешко победлива репрезентација.
Естонија според резултатите во групната фаза е најуспешната од четирите потенцијални противници. Освои 12 бода, забележа три победи и три ремија, без пораз, со гол-разлика 5:2. Овие бројки најдобро ја опишуваат нејзината главна карактеристика – цврста и организирана одбрана. Естонците примиле само два гола на шест натпревари, што е најдобар дефанзивен учинок меѓу четирите селекции. Токму затоа, евентуалниот дуел со нив би можел да биде најтежок тактички предизвик за македонската репрезентација.










