Во ракометната Супер-лига продолжуваат возбудувањата, а 11. коло носи дерби-пресметка меѓу екипите кои се во самиот врв на табелата. Во салата „Автокоманда“, во четврток со почеток од 18 часот, Алкалоид ќе го пречека Пелистер.
И овој пат љубителите на ракометот ќе останат без директен телевизиски пренос. За оние кои нема да бидат во можност да присуствуваат во салата, натпреварот ќе биде достапен на Јутјуб-каналот на Ракометната федерација на Македонија.
Ова не е првпат дерби-натпреварите од домашното првенство да поминуваат без ТВ-пренос. На истиот начин претходно можеше да се следи и дуелот меѓу Вардар и Алкалоид, а слична ситуација имаше и со кошаркарската пресметка меѓу МЗТ Скопје и Работнички.
Така, спортската јавност во Македонија и понатаму останува без можност најголемите домашни натпревари да ги следи преку директен телевизиски пренос.
Пелистер во Скопје доаѓа по големата победа над Гумерсбах, додека Алкалоид по оваа пресметка го очекува нов европски предизвик. Тимот од Автокоманда на домашен терен ќе го пречека Горење Велење во рамките на ЕХФ Европскиот куп.










