МЗТ Скопје Аеродром го назначи српскиот стратег Дејан Мијатовиќ за нов шеф на стручниот штаб. Искусниот 58-годишен тренер доаѓа на местото на Васко Атанасов, со кого клубот ја прекина соработката пред неколку недели. Заедно со Мијатовиќ во Аеродром пристигнува и неговиот помошник Иван Дробњак.
Мијатовиќ е роден во Чачак и зад себе има богата тренерска кариера. Неговиот последен ангажман беше во Борац Чачак, каде што работеше од 2022 до 2024 година, а претходно бил тренер и на Ловќен, ОКК Београд и полскиот Баскет Познањ.
Има и значајно меѓународно искуство како член на стручните штабови на ФМП Железник, Хемофарм, Алба Берлин и Партизан. Особено се издвојуваат неговите успеси со младинските репрезентации. Во 2006 година освои европско злато како помошник во селекцијата до 20 години на Србија и Црна Гора, а една година подоцна беше селектор на јуниорската репрезентација на Србија, со која го освои златниот медал на Европското првенство во Шпанија.
Пред Мијатовиќ е сериозен предизвик – да го одржи МЗТ Скопје на шампионското ниво во домашното првенство, но и да донесе стабилност и конкурентност во регионалните натпреварувања. Актуелниот македонски шампион со новиот тренерски тандем започнува ново поглавје, со амбиција да продолжи да освојува трофеи.










