Ферстапен заостана 0,258 секунди зад Антонели, додека третото време го оствари Џорџ Расел со болидот на Мерцедес. Четврти беше Ландо Норис од Мекларен, а петти Исак Хаџар од Ред Бул. Поради казната на Антонели, Расел ќе стартува втор, Норис трет, Хаџар четврти, а Арвид Линдблад петти.
Антонели најбрз, но Ферстапен ја презеде пол-позицијата
Мерцедес покажа одлична брзина во текот на викендот на улиците на Лас Вегас. Расел беше најбрз на вториот и третиот слободен тренинг, а тимот доминираше и на почетокот од квалификациите. Сепак, Ферстапен во завршницата се вклучи во борбата за првата позиција.
Четирикратниот светски шампион во последната квалификациска сесија извозе круг со време од 1:34.151 минути, со што беше побрз од времето на Расел за 0,073 секунди. Сепак, Антонели во самиот финиш го извозе најбрзиот круг во квалификациите и ја потврди брзината на Мерцедес.
Актуелниот светски шампион уште пред почетокот на квалификациите знаеше дека поради користење дополнителни делови од погонската единица ќе загуби пет стартни позиции. Така, Ферстапен ќе ја има најдобрата почетна позиција во обидот да ја одбрани минатогодишната победа во Лас Вегас.
Катастрофални квалификации за Ферари
Големо разочарување доживеа Ферари, чии двајца возачи испаднаа уште во вториот дел од квалификациите. Шарл Леклер го оствари 11. времe, додека Луис Хамилтон заврши на 12. позиција.
Леклер во завршницата на втората квалификациска сесија (Q2) направи грешка при сопирањето за седмиот свиок, поради што не успеа да го подобри своето време. Хамилтон, пак, во текот на квалификациите имаше проблеми со прилепувањето на болидот кон патеката и не успеа да пронајде доволно брзина за пласман меѓу најдобрите десет.
Во последниот дел од квалификациите се најдоа и Оскар Пјастри, Лијам Лосон, Пјер Гасли и Франко Колапинто. Посебно се истакна младиот Линдблад, кој го оствари шестото време, но по казната на Антонели напредуваше на петтото стартно место, што е негов најдобар пласман во дебитантската сезона.
Петмина возачи добија казни
Освен Антонели, казни поради промени на делови од болидот добија и Оскар Пјастри, Карлос Саинц, Ленс Строл и Оливер Берман. Пјастри ги заврши квалификациите на седмото место, но поради казната од десет позиции трката ќе ја започне од 17. место. Саинц и Строл исто така добија казни од десет позиции, додека Берман ќе стартува од последното место.
Квалификациите се возеа по временски неповолниот почеток на тркачкиот викенд, во кој дождот ги попречи првите два слободни тренинзи. Поради тоа, тимовите имаа значително помалку време за собирање податоци во репрезентативни услови.
Големата награда на Лас Вегас се вози во недела во 5 часот наутро по македонско време. До крајот на сезоната, по оваа трка, остануваат уште трките за Големата награда на Катар и Абу Даби.
Frustration for Ferrari as both drivers tumble out in Q2
#F1 #LasVegasGP https://t.co/eoMSXWeCAP
— Formula 1 (@F1) November 21, 2026










