Во сенка на дербито кое се игра на Арената меѓу Вардар и Тиквеш, денеска од 12 часот на Автокоманда во Скопје се среќаваат Скопје и Арсими. Ова е дербито на дното ако се знае дека силите ќе ги одмерат двете последни екипи на табелата.
Арсими е деветти со 10 бодови, додека Скопје е последен со само 4 бодови, односно само четири ремија.
Во изминатиот дел од сезоната “пиратите“ се единствени кои немаат победа и се чини дека денеска е златната шанса за нив конечно и тие да се израдуваат на победа оваа 2026/27 сезона.
Не дека со неа којзнае како би се смениле позициите на табелата, Скопје и натаму ќе остане “фенерџија“ и убедливо најслаб тим во лигата, но сепак победа си е победа.
Од друга страна и Арсими има разочарувачка есен со само две победи. Сега клубот од Чегране е на – 4 бодови од Башкими и ако денеска не успее да дојде до три бода на Автокоманда секако и дека ќе се најде во уште потешка ситуација, алармот во тимот веќе одамна е запален.
Ова се две екипи кои се убедливо најнеефикасни, имено и двете заедно имаат постигнато, во изминатите 13 кола, само 17 голови.















