Ќе биде “жешко“ на Арената – Вардар VS Тиквеш!

2

Да, и тоа како ќе биде “жешко“ денеска на Арената “Тодор Проески“ во Скопје, ако се знае дека од 13 часот во меч од 14.коло силите ќе ги одмерат Вардар и Тиквеш. Тоа се екипи кои се на делба на третото место на табелата со по 24 бодови, тоа се екипи кои не го кријат својот анимозитет и тоа се екипи кои сретнаа во 1/8 финалето од Купот на Македонија кога Тиквеш просто го растури Вардар со 1:3, ама “црвено – црните“ ја добија таа средба со службени 3:0, од познати причини, и се пласираа во следната фаза.

Токму затоа кавадарчани имаат мотиви до небо за овој меч. Секако дека Вардар си е Вардар, ама колку и да освојува бодови тимот на Гроф Божовиќ не блеска. За разлика од Вардар, тимот на Оливер Богатинов веројатно го игра најспектакуларниот фудбал во ПМФЛ, и ако може некој на Арената во Скопје да го победи Вардар и тоа убедливо, секако дека тоа е токму овој тим на Тиквеш.

Екстра значаен меч, екстра значајни бодови и за двете екипи. Јасно е дека поразениот ќе заостане зад водечките Струга ТЛ (29) и Шкендија (27), но секако дека овој меч нема да биде пресуден и за Вардар и за Тиквеш.

Убаво ќе биде да проследиме добар меч меѓу две квалитетни екипи, нека биде фер и коректно па кој е подобар нека победи.

Нека биде овој меч за фудбалско уживање.

На крај да споменеме дека за главен судија одреден е Фатмир Бафто од Охрид.

ПретходноЛука Дончиќ влезе во историјата на НБА-лига (ВИДЕО)