Алкалоид со девет гола предност ќе патува на реваншот кај Гоење Велење во рамките на третото коло во ЕХф Европскиот Куп, откако на домашен терен славеше со 32-23.
Тренерот Кирил Лазаров беше задоволен од играта, но вели дека треба максимално да се подготват за реваншот бидејќи противникот лесно може да создаде серија и да се доближи.
„Задоволен сум, презадоволен од резултатот. Видео-анализите покажуваат едно, но сосема поинаку е кога тимот што сте го анализирале ќе го видите во живо на терен. Мислам дека стигнавме до една превисока победа со оглед на тоа каква екипа имавме за противник, на тркачки и на технички план. Гледате како одеше резултатот, имавме девет, дојдоа на пет, лесно можеа да дојдат и на два три гола разлика, но се вративме во вистински момент, тие брзаа да дадат голови, а ние го искористивме тоа.
Честитки за нашите играчи, треба да се подготвиме и за реваншот во Словенија. Не треба да стравуваме, но никогаш не се знае, затоа мораме да сме подготвени. Како тренер секогаш треба да си претпазлив и екипата да биде будна бидејќи малку недостига за работата да отиде во тој правец, затоа не смееме да дозволиме такво нешто. Победата е убедлива, но воопшто не беше лесна, потрошивме огромна енергија за да го скршиме отпорот на противникот“, истакна Кире Лазаров.










