Трет пораз на шампионот Крива Паланка

0

Екипата на МЗТ Скопје Аеродром е третата во досегашниот тек на сезоната која успеа да го совлада актуелниот шампион Крива Паланка (60:45). Домашните кошаркарки имаа одличен почеток и со убедлива игра во првата четвртина стекнаа двоцифрена предност (18:6). Добрата игра продолжи и во вториот период, па на полувремето МЗТ Скопје имаше уште поубедливи (36:20).

Ниту продолжението не донесе промена на односот на силите. Домашниот состав ја задржа контролата врз резултатот, а по три одиграни четвртини предноста беше зголемена на (50:29). До крајот МЗТ Скопје рутински ја приведе средбата до крај и ја забележа третата победа во првенството, со која го мина шампионот на табелата и се искачи на позицијата зад водечкиот двоец Вардар и Бадел 1862.

Дејвис беше најефикасна во победничкиот состав со 19 поени, на кои додаде осум асистенции и шест скока. Рејчел постигна 14 поени, со осум скока и три асистенции, додека Милосављевиќ оствари дабл-дабл ефект од 12 поени и 17 скока, дополнети со по две асистенции и освоени топки.

Во составот на Крива Паланка, кој настапи без суспендираната Ли, Груевска постигна 12 поени, со три асистенции и два скока. Алексовска и Гордон имаа по 11 поени, додека најновото засилување на шампионот, Марјановиќ, го заврши натпреварот со шест поени и 14 скока.

Втора, и што е подеднакво важно, убедлива победа за кошаркарките на Пробаскет. Кавадарчанки славеа на домашен терен против новакот во прволигашката конкуренција, екипата на Гевгелија (91:69).

Иако во текот на целиот натпревар имаа резултатска предност, домашните кошаркарки победата ја потврдија во последната четвртина. По првите десет минути водеа со (24:18), а на полувремето имаа предност од (47:35). Во последниот период Пробаскет одигра особено ефикасно, постигнувајќи дури 30 поени за конечни 91:69.

Сите пет стартерки на Пробаскет го завршија натпреварот со двоцифрен број на поени. Мицева беше најдобра со 21 поен и фантастични 24 скока. Мегленова оствари дабл-дабл учинок со 20 поени и 10 скока, а од трипл-дабл ефект ја делеше само една асистенција. Ѓорѓиева постигна 18 поени, додека Алексова и Богоевска придонесоа со по 15 поени.

Во гостинскиот состав, Деловска беше најефикасна со 17 поени, Димковска постигна 14, Џангаровска 12, а Стојковска го заврши натпреварот со 10 поени.

„ШПАРКАСЕ ЛАЈФ“ ПРВА ЛИГА-ЖЕНИ

РЕЗУЛТАТИ 5. КОЛО

МЗТ Скопје Аеродром – Крива Паланка 55:43

Пробаскет – Гевгелија 91:69

Баскет кам – Патриот 2016 65:50

Бадел 1862 – Вардар 63:74

ТАБЕЛА: Вардар 5/0, Бадел 1862 4/1, МЗТ Скопје Аеродром 3/2, Баскет кам 3/2, Крива Паланка 2/3, Пробаскет 2/3, Гевгелија 1/4, Патриот 2016 0/5;

ПретходноБарселона му честиташе на Марк Маркез за титулата во Мото ГП и му подари дрес со број 10