Петтото коло од „Шпаркасе Лајф“ Првата лига – жени донесе неколку извонредни индивидуални настапи. Во првата петорка се најдоа три кошаркарки на Пробаскет, како и по една претставничка на Баскет Кам и Патриот 2016. Највисок индексен учинок оствари Сања Адамовска, која го заврши натпреварот со 48 индексни поени.
САЊА АДАМОВСКА (БАСКЕТ КАМ)
Уште едно репрезентативно издание на искусниот бек на Баскет Кам. На натпреварот против Патриот 2016, Адамовска помина 37:23 минути на теренот и оствари дабл-дабл учинок со 26 поени и 14 скока. Особено импресивна беше нејзината прецизност од далечина, со шест погодени тројки од осум обиди, додека за два поени имаше максимален ефект (4/4). Беше блиску и до трипл-дабл, со девет асистенции, а придодаде и пет освоени топки. Со ваквиот комплетен настап заслужено стигна до највисоки 48 индексни поени во петтото коло.
ДУШИЦА МИЦЕВА (ПРОБАСКЕТ)
Одличен настап имаше и Душица Мицева во убедливото издание на Пробаскет против Гевгелија. За 35:40 минути во игра, постигна 21 поен, со реализација на седум од 13 обиди за два поени и седум од десет обиди од линијата за слободни фрлања. Но, нејзиниот највпечатлив придонес беше под обрачите, каде забележа неверојатни 25 скока, од кои дури 12 во нападот. На учинокот додаде и три асистенции и една блокада, доволно за одлични 40 индексни поени.
АНГЕЛА МЕГЛЕНОВА (ПРОБАСКЕТ)
На чекор до трипл-дабл беше и Ангела Мегленова, која имаше одлична партија во дресот на Пробаскет. За 38:26 минути на теренот, реализираше 20 поени, со четири погодени тројки од осум обиди, а запиша и десет скока и девет асистенции. Само едно успешно додавање ја делеше од двоцифрен учинок во три статистички категории. На тоа придодаде три освоени топки, а натпреварот го заврши со 28 индексни поени.
ФРОСИНА АЛЕКСОВА (ПРОБАСКЕТ)
Уште една кошаркарка на Пробаскет се најде меѓу најдобрите пет во ова коло. Фросина Алексова одигра квалитетен натпревар против Гевгелија, со 29:09 минути поминати на теренот во салата „Јасмин“. Постигна 15 поени, со одлична реализација од поле (1/1 за три и 6/10 за два поени), а оствари и дабл-дабл ефект со десет скока. Нејзиниот придонес беше дополнет со три асистенции и дури пет освоени топки, за вкупно 28 индексни поени.
АЛЕКСАНДРА БОЖИНОВА (ПАТРИОТ 2016)
И покрај поразот на Патриот 2016 од Баскет Кам, Александра Божинова имаше индивидуално одлично издание. На теренот помина 37:28 минути и оствари дабл-дабл учинок со 15 поени и исто толку скока. Беше прецизна во обидите за два поени (7/10), а реализираше и едно од двете слободни фрлања. На својот статистички биланс додаде по две асистенции и загубени топки, како и една освоена топка, за конечен индекс на успешност од 27 поени.
ПРВА ПЕТОРКА
Сања Адамовска (Баскет кам)
Душица Мицева (Пробаскет)
Ангела Мегленова (Пробаскет)
Фросина Алексова (Пробаскет)
Александра Божинова (Патриот 2016)
ВТОРА ПЕТОРКА
Зораја Дејвис (МЗТ Скопје Аеродром)
Милица Николиќ (Вардар)
Сара Петровска (Гевгелија)
Линдзи Клири (Бадел 1862)
Вања Милосављевиќ (МЗТ Скопје Аеродром)
*петорките се формирани според бројот на реализирани индексни поени










