Халанд тужи полски електричар поради користење на неговото презиме како заштитен бренд

1
Фото: Ерлинг Халанд Х
Напаѓачот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, е во правен спор со полски електричар кој го регистрирал неговото презиме како трговска марка, објавува британски „Сан“.

Норвешкиот голгетер во 2023 година се обидел да го заштити своето име како бренд во Европската Унија, но тогаш открил дека полскиот електричар Михал Вонс веќе ги регистрирал правата на презимето Халанд. Заштитата опфаќала дури 16 категории производи, меѓу кои спортска облека, енергетски пијалаци, играчки и женска долна облека.

Вонс тврдел дека името е кратенка од „High Advanced Activity Land“ (Земја со висока напредна активност) и дека нема никаква поврзаност со презимето на фудбалерот. Сепак, Комисијата на Канцеларијата на Европската Унија за интелектуална сопственост (EUIPO) не ги прифатила неговите аргументи.

По разгледувањето на случајот, експертите заклучиле дека електричарот се обидува да ја искористи популарноста на норвешкиот фудбалер, по што ја поништиле регистрацијата на трговската марка.

Во мај 2026 година, Апелацискиот совет на EUIPO ја потврдил оваа одлука. Полјакот во јули поднел жалба до Судот на Европската Унија, барајќи поништување на решението. Засега нема одредено датум за судското рочиште.

26-годишниот Халанд настапува за Манчестер Сити од 2022 година. Во актуелната сезона има 15 настапи во сите натпреварувања, на кои постигнал 14 голови.

ПретходноГРК Охрид во Битола ќе има поддршка од 250 фанови!