Со инвестиција во спортот и младите, Видеолотарија Касинос Австрија продолжува да поддржува проекти кои создаваат подобри услови за живот и развој на локалните заедници.
Во населеното место Куклиш, Општина Струмица, денеска беше пуштено во употреба новото мултифункционално спортско игралиште, реализирано со донација од Видеолотарија Касинос Австрија во вредност од 4.350.000 денари.
Новото игралиште претставува значајна придобивка за жителите на Куклиш, особено за децата и младите, кои добиваат современ и функционален простор за спорт, рекреација и дружење. Овој проект е пример за тоа како соработката меѓу општествено одговорните компании и локалните самоуправи може да придонесе за создавање трајни вредности во заедницата.
„Веруваме дека вложувањето во спортот е вложување во здрави генерации, во заедништво и во можности за секое дете. Едно спортско игралиште не е само уреден простор, тоа е место каде што се создаваат пријателства, се учи тимската работа, се развиваат талентите и се градат здрави навики. Затоа ни е особено драго што со оваа донација придонесуваме децата и младите од Куклиш да добијат простор во кој ќе можат да спортуваат, да растат и да ги остваруваат своите потенцијали”, истакна Вики Чадиковска, маркетинг директорка на Видеолотарија Касинос Австрија.
На настанот се обрати и градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, кој ја истакна важноста на ваквите инвестиции за подобрување на условите за спорт и рекреација на локалното население.
Со оваа донација, Видеолотарија Касинос Австрија ја потврдува својата заложба за поддршка на проекти од јавен интерес, со посебен фокус на децата, младите, спортот и развојот на локалните заедници.










