Македонија подобра од Црна Гора во „голеадата“ на стартот на квалификациите

0

Женската репрезентација до 19 години со победа го отвори настапот на квалификацискиот турнир што се одржува во Србија.  Избраничките на селекторот Кирил Изов во првото коло ја совладаа репрезентацијата на Црна Гора со 7:3.

Првиот погодок го постигнаа Црногорките веќе во петтата минута, а стрелец беше Јована Радовиќ. Само шеесетина секунди подоцна Македонија успеа да го израмни резултатот, а мрежата на противничките ја затресе Настасја Накова.

Во 29-тата минута, Аника Петровиќ ја погоди сопствена мрежа за водство на Македонија од 2:1, а до крајот на првиот дел нашите репрезентативки постигнаа уште два гола.

Во 40-тата Меланија Грозданова ни донесе предност од 3:1, а во втората минута од судиското надополнување повторно се запиша меѓу стрелците за водство од 4:1.

По шест минути игра во второто полувреме Ангелина Дресај намали на 4:2, а во 55-тата Теона Голабовска по прецизно изведен удар од 11 метри зголеми на 5:2.

Во 59-тата беше досуден пенал за Црна Гора, а прецизна беше Јана Мердовиќ. Десет минути подоцна Голабовска повторно се запиша меѓу стрелците за водство од 6:2.

Во 83-тата Мелани Цветковиќ го постигна седмиот гол за Македонија во дуелот против Црна Гора, а воедно тоа беше погодокот со кој беше поставен и конечниот резултат.

Во првиот натпревар од групата домаќинот Србија го совлада нашиот следен противник Азербејџан со 4:0.

Мечот од второто коло Македонија ќе го одигра на 29 ноември, а почетокот е закажан за 11 часот. Во последната рунда на втори декември ќе се соочиме со домаќинот Србија, а дуелот почнува во 13 часот

МАКЕДОНИЈА – ЦРНА ГОРА 7:3

Стадион: Спортски центар на ФСС – Стара Пазова

Судијка: Одри Гербел (Франција)

Стрелци: Накова 6, Петровиќ 29 (аг), Грозданова 40, 45+2, Галабовска 55 (пенал), 69, Цветковиќ 83 – Радовиќ 5, Дресај 51, Мердовиќ 59 (пенал)

 

МАКЕДОНИЈА: Вељановска, Панева, Емини, Ристевска (Нановска 60), Коловска, Величкова (Фида 85), Цветкоска (Марковска 77), Попески (Цветковиќ 77), Галабовска, Накова (Каралиоска 60), Грозданова

Селектор: Кирил Изов

ПретходноТри меча суспензија за Јакупи, Работнички еден месец без тренер на клупата