Мозес Рајт – Голем кошаркар, уште поголем човек!

0

Големината на еден спортист не се мери само преку неговите спортски достигнувања, индивидуалните признанија и освоените трофеи, туку и преку неговиот карактер, професионалниот однос, чувството на одговорност и почитта кон националниот дрес.

Токму таков пример деновиве ни даде македонскиот репрезентативец Мозес Рајт.

Во исклучително напорната евролигашка недела, во која се играат две кола, Рајт во вторникот вечерта, во рамките на 14. коло од Евролигата, во француски Лион, забележа импресивен настап во дресот на италијански Армани Милано, давајќи исклучителен придонес во победата на својот клуб.

Иако натпреварот заврши нешто по 22 часот, Мозес Рајт веќе следниот ден пристигна во Македонија и им се приклучи на своите репрезентативни колеги, ставајќи му се на располагање на стручниот штаб на македонската сениорска репрезентација.

Денес, со почеток во 18 часот, заедно со македонскиот кошаркарски ас Ненад Димитријевиќ и останатите репрезентативци, ќе ги брани боите на Македонија на натпреварот против Кипар.

И можеби токму во оваа постапка треба да се препознае човечката големина на овој врвен спортист.

По еден исклучително напорен евролигашки натпревар, во услови на густ натпреварувачки распоред, физички напори и патување, Мозес Рајт најде сили и начин да одговори на своите репрезентативни обврски.

За да се направи вакво нешто, не е доволно само да се биде врвен кошаркар. Потребно е да се поседува цврст карактер, високо чувство на одговорност и искрена посветеност кон обврските што си ги презел.

Дополнителна тежина на неговата постапка ѝ дава фактот што станува збор за кошаркар кој не е роден во Македонија, но кој со својот однос покажува исклучителна почит кон земјата чиј национален дрес го носи.

Ваквите постапки заслужуваат да бидат забележани и вреднувани. Не само поради нивното спортско значење, туку и поради човечките вредности што ги промовираат.

Токму од ваквите примери, од заедништвото, меѓусебната почит и посветеноста на секој поединец се гради култот кон националната репрезентација.

Македонија денес има пред себе нов спортски предизвик, а сите нејзини репрезентативци заслужуваат поддршка и почит за напорите што ги вложуваат во одбрана на националните бои.

Сепак, гестот на Мозес Рајт во оваа прилика заслужува посебно внимание и едно големо, искрено признание.

Припадноста не се докажува со зборови, туку со дела. Мозес Рајт тоа го покажа на најдобар можен начин.

Браво, Мозес! Напред, Македонија!

ПретходноКимих “грмна“ по челниците на Баерн:„Клубот е поголем од играчите, но не и од човекот“!