Македонија во септември следната година ќе биде центар на европското и балканското џиу џицу. Џиу Џицу Федерацијата доби доверба од Европската џиу џицу унија за организација на три значајни меѓународни натпреварувања, кои ќе се одржат од 22 до 26 септември 2027 година во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
Оваа одлука беше официјализирана по посетата на претседателот на Европската џиу џицу унија, Мајкл Корн, и потпретседателката Дана Мортелманс, кои на 26 ноември престојуваа во Македонија. Во рамките на посетата беа разгледани сместувачките капацитети и спортскиот центар „Борис Трајковски“, а беше остварена и средба со министерот за спорт, Борко Ристовски, на која се разговараше за организацијата на првенствата.
Македонија ќе биде домаќин на три натпреварувања: Balkan Open Championship 2027, Balkan Championship 2027 и European Championship 2027 – Contact Ju-Jitsu.
Првото натпреварување ќе биде рангиран турнир на кој ќе се освојуваат бодови за светската ранг-листа, но и квалификациски бодови за Светските игри во 2029 година. Ќе настапат натпреварувачи во категориите U16, U18, U21, сениори и ветерани, во сите дисциплини.
Балканското првенство ќе биде наменето за категориите U10, U14 и U16, додека на Европското првенство во контакт џиу џицу ќе се натпреваруваат спортисти во категориите U16, U18, U21, сениори и ветерани.
Договорите за организација на трите првенства ги потпишаа претседателот на Европската џиу џицу унија, Мајкл Корн, и претседателката на македонската федерација, Катерина Бошковска.
Доделувањето на организацијата на овие три големи настани претставува значајно признание за македонската џиу џицу федерација и потврда за довербата што ја ужива на меѓународната сцена. Воедно, ова е можност Македонија да се позиционира како важен центар за развој и промоција на овој спорт.










