Вториот тенисер во светот, Јаник Синер, наводно во вторник, 24 ноември, ќе биде подложен на операција на десното колено во Финска, а неговото планирано враќање на терените би можело сериозно да биде доведено во прашање.
Како што пренесуваат дел од италијанските медиуми, Синер веќе неколку месеци има проблеми со десното колено. И покрај различните терапии и обидите за рехабилитација, повредата сè уште не покажува очекуван напредок.
Италијанскиот тенисер наводно има тендинопатија поврзана со синдромот на илиотибијалната лента, поради што подолго време е надвор од натпреварувачки ритам.
Според достапните информации, операцијата треба да ја изврши финскиот хирург Ласе Лемпаинен, специјалист за повреди на мускулите и тетивите.
Најголемата загриженост за Синер и неговите навивачи е кога ќе може да се врати на терените во новата сезона. Италијанецот се надеваше дека ќе настапи на Австралија опен во 2027 година, но операцијата би можела да му ги наруши плановите.
Според сценаријата што ги пренесуваат италијанските медиуми, закрепнувањето би можело да трае неколку месеци. Сепак, точната должина на паузата засега не е позната и ќе зависи од видот на хируршкиот зафат, но и од текот на рехабилитацијата.
Синер нема одиграно ниту еден официјален натпревар од 12 јули, кога триумфираше во финалето на Вимблдон.
Поради здравствените проблеми, Италијанецот веќе пропушти неколку големи турнири во вториот дел од сезоната, а сега би можел да го пропушти и првиот грен-слем турнир во 2027 година.










