Нова дерби пресметка: Охрид гостува кај Пелистер!

0

Денеска сите погледи се свртени кон Битола, а таму ќе се одигра дерби-дуелот од 12. коло во Супер-лигата. Пелистер го пречекува ГРК Охрид, натпреварот е закажан со почеток во 18 часот.

Битолчани на оваа средба влегуваат по одличното издание против Вибжеже Гдањск во Европската лига, додека во Супер-лигата го имаат поразот од Алкалоид на гостински терен. Избраниците на Лино Червар имаат скор од осум победи, едно реми и два порази, со победа ќе се искачат на третото место на табелата.

Од друга страна, пак, ГРК Охрид обезбеди место во следната фаза од ЕХФ Европскиот куп, откако на домашен терен ги доби двете средби против Клаипеда. Езерскиот тим е на третото место на табелата во Супер-лигата со девет победи, едно реми и еден пораз. Победа за охриѓани ќе значи враќање на второто место на табелата на кое во моментов се наоѓа Алкалоид.

Последната средба помеѓу овие два тима заврши нерешено. Во драматична завршница, битолчани се изборија за бод, што е најава за вистински ракометен празник.

„Нè очекува тежок натпревар против Еурофарм Пелистер во Битола, пред полна сала и одлична атмосфера. Свесни сме дека нè очекува голем предизвик и затоа мора да бидеме цврсти во одбраната, а во нападот да играме смирено и дисциплинирано. Верувам дека со максимална борбеност, концентрација и тимска игра можеме да стигнеме до нови бодови“, изјави Давид Савревски.

Дополнителен сјај ќе дадат и двете навивачки групи, во салата „Боро Чурлевски“ треба да има 250 фанови на гостинскиот тим.

Натпреварот помеѓу Пелистер и ГРК Охрид ќе биде директно пренесуван на МРТ 3.

ПретходноКорени: Синот на Саша Огненовски на прес со дрес на Македонија (ВИДЕО)