Реал овој пат не се спаси: Алавес го замолкна „Сантијаго Бернабеу“!

1
Фото: Реал Мадрид/Фејсбук
Реал Мадрид по десет последователни победи во сите натпреварувања, со кои се врати во трката за титулата во Шпанија, доживеа неочекуван пораз.
Тимот на Жозе Мурињо загуби на „Сантијаго Бернабеу“ од Алавес со 1-2, во натпревар од 14. коло во Ла Лига, и му даде можност на Барселона повторно да ја зголеми предноста на шест бода. Интересно е што Алавес до ова гостување немаше ниту една победа на гостински терен во првенството оваа сезона.

Гостите поведоа во 22. минута по големата грешка на Дин Хујсен, кој испрати прекратка повратна топка кон Тибо Куртоа. Тони Мартинез ја искористи грешката на дефанзивецот на Реал и му донесе водство на Алавес. До крајот на првото полувреме, мадридскиот тим не успеа да стигне до израмнување.

На почетокот на второто полувреме Алавес постигна и втор гол преку Абде Ребах, но погодокот беше поништен поради офсајд. Сепак, гостите ја удвоија предноста во 61. минута преку Анхел Перез, на кого му асистираше поранешниот напаѓач на Реал, Маријано Дијаз. Килијан Мбапе осум минути подоцна го намали резултатот.

Поништен пенал за Реал, Белингам исклучен

Реал во завршницата беше блиску до израмнување. Карлос Еспи во 84. минута ја погоди стативата, а една минута подоцна судијата Сесар Сото Градо досуди пенал за домаќините откако Џуд Белингам падна во шеснаесетникот по дуелот со Николас Валентини.

Сепак, по интервенцијата на ВАР и прегледувањето на снимката, Сото Градо ја промени одлуката и во 88. минута му покажа втор жолт картон на Белингам поради симулирање. Така Реал го заврши натпреварот со играч помалку, а Алавес ја забележа првата победа против мадридскиот гигант по точно шест години.

Тимот на Мурињо во изминатите два месеца имаше серија од шест првенствени победи и четири триумфи во Лигата на шампионите. Во тој период славеше и над Барселона во „Ел Класико“ и повторно се вклучи во трката за титулата, но сега неочекувано загуби бодови против Алавес.

Реал остана на 33 бода, три помалку од лидерот Барселона, која во недела гостува кај Депортиво Ла Коруња. Мадридскиот тим во среда го очекува гостување кај Реал Сосиедад.

ПретходноИнтер со „покер“ во мрежата на Џенова