Струга ТЛ во ова 15.коло влезе како лидер и тоа со +4 бодови во однос на второпласираната Шкендија. Па така без разлика што ќе се случи денеска во Кратово, мечот се игра од 12 часот, стружани и натаму ќе останат лидери. Секако дека желбата е нова победа и продолжување на победничката серија, но сите во Струга ТЛ знаат дека ги чека тежок меч со Силекс.
Свој коментар за денешниот меч има фудбалерот на Струга ТЛ, Папе Фал, кој важи за еден од најдобрите играчи во тимот на стратегот Бледи Шкемби:
„Верувам во нашиот тим, минуваме низ добар период, мислам дека сите во екипата чувствуваат оти можеме да успееме. Треба да го слушаме тренерот, да го правиме она што најдобро го знаеме и да веруваме дека можеме да успееме. Противникот е тежок, но ако се фокусираме и работиме како тим, верувам дека на крајот можеме да победиме“ посочи Папе Фал.
Силекс има лоша есенска полусезона, тука нема дилеми. Се чека во секој момент кратовци да заиграат и пред се да победуваат. Дали тоа ќе успеат да го сторат денеска на свој терен против најдобриот тим во ПМФЛ во моментов, тоа ќе видиме некаде после 14 часот.
Во секој случај очекуваме квалитетен натпревар помеѓу две квалитетни екипи.















