По турбулентната недела ГРК Тиквеш сака излез од кризата, Бутел Скопје без Стоилов

0

Денеска продолжуваат натпреварите од 12. коло во Супер-лигата. Иако нема дерби на екипите од врвот на табелата, сепак се очекуваат интересни пресметки. Една од нив ќе се игра во салата „Јасмин“ во Кавадарци, каде што силите ќе ги одмерат ГРК Тиквеш и Струга.

Минатата недела беше турбулентно во редовите на ГРК Тиквеш. Кристијан Грчевски си поднесе оставка, а до денеска нема официјална информација кој ќе го наследи или, пак, дали можеби ќе остане досегашниот тренер.

Тиквеш се наоѓа на петтото место на табелата, а желбата е да одигра квалитетен натпревар и да стигне до победа со која ќе ја врати самодовербата.

„Пред нас е првиот натпревар од вториот круг на првенството против екипата на Струга. Во првиот меѓусебен дуел успеавме да победиме на нивниот терен, пред нивните навивачи, и сигурен сум дека овојпат ќе направат сè за да ни се реваншираат. Струга е квалитетна и искусна екипа, со јасни амбиции за пласман во плејофот. Покажаа дека можат да победуваат и на тешки гостувања, па затоа сме свесни за предизвикот што нè очекува.

Сепак, ние добро се подготвувавме за овој натпревар. Веруваме во нашата работа, во нашите квалитети и во планот што го имаме. Мотивацијата во екипата е огромна, бидејќи знаеме дека победата ќе нè доближи уште еден чекор до нашата цел – пласман во плејофот.

Би сакал да ги поканам сите наши навивачи, а особено верните Лозари, да бидат со нас во недела и да нè поддржуваат до последната минута. Нивната енергија од трибините ни дава дополнителна сила на теренот. Можам да ветам максимална борбеност, посветеност и силен настап. Ќе направиме сè што е во наша моќ за заедно да се радуваме на нова победа“, изјави Азис Бен Махфуд.

Неделната програма први ќе ја отворат Младост и Бутел Скопје, а гостите на овој меч ќе бидат без првиот тренер на клупата, Стојанче Стоилов, кој во минатото коло заработи црвен картон.

СУПЕРЛИГА – 12. КОЛО

17:30 часот: Младост 1977 – Бутел Скопје

18:00 часот: Еурофарм Пелистер 2 – Вардар 1961

18:00 часот: Куманово – Прилеп

18:00 часот: Тиквеш – Струга

ПретходноКожуф е сосема нов тим со Алтипармаковски