Алкалоид денеска треба да го потврди своето место во Топ 16 фазата во Европската лига. Првиот македонски освојувач на ова натпреварување му гостува на Горење Велење, а натпреварот е закажан со почеток во 18 часот.
Избраниците на Кирил Лазаров веќе со една нога се во осминафиналето, откако на првата средба во Скопје славеа со девет гола разлика (32-23).
Иако предноста е голема, сепак тренерот на Алкалоид е претпазлив. Од своите момци ќе бара максимален фокус во текот на сите 60 минути, бидејќи противникот покажа дека знае да влезе во серија.
„Никогаш не се знае колку е сигурна една разлика. Мораме да играме максимално, бидејќи видовме дека Горење за краток период може да направи серија од три до четири гола. Екипата мора постојано да биде будна, затоа што малку е потребно натпреварот да тргне во друга насока, а станува збор за елиминациски дуел. Имаме такво искуство и многупати го кажав тоа претходно. Се работи за добри играчи, против кои стигнавме до голема и заслужена, но тешко извојувана домашна победа, со голема потрошувачка на енергија“, изјави Лазаров.










