Македонската ракометна репрезентација веќе една недела во Маврово се подготвува за настапот на Светското првенство кое во јануари ќе се одржи во Шведска и Полска. Предводникот на нашиот национален тим, Кирил Лазаров поради отсуство на силни мечеви во текот на сезоната во овој период закажа силни пријателски натпревари.
Прва во редот на овие контролни мечеви е селекцијата на Црна Гора. Нашите момци ќе одиграат два натпревари, првиот е денеска, додека вториот е утре, двата се играат во Маврово.
Во составот на македонската ракометна репрезентација недостасува само Филип Кузмановски, кој на тимот треба да му се приклучи најдоцна утре. Еден од лидерите, кој има обврски со Хановер, одлучил да не го прифати одморот од неколку дена, посакал веднаш да му се приклучи на националниот тим.
Црна Гора во Маврово нема да биде во комплетен состав, но во ростерот ќе има доволно познати и квалитетни играчи за да Лазаров ја добие првата слика во текот на овие подготовки.
Покрај мечевите во Маврово, нашите момци ќе бидат гости на „Кроација Купот“, таму ќе играат против Хрватска и Израел.
Македонија игра во групата во Краков, за противник ќе ги има селекциите на Норвешка, Холанија и Аргентина. Ова ќе биде прво Светско првенство без неколку искусни имиња, кои низ годините беа лидери на теренот, почнува вистинската промена на генерација во „црвено-жолтиот“ дрес.