Пишува: Огнен Чак Дојчиновски
Наместо предновогодишна еуфорија на 31 декември, и „денска скопска шема“ мене ме зафати ушна инфекција и грип, па наместо Аперол пијам Амоксиклав во „очи Нова година“. Не сум уште стар, иако „ситнам“ петта деценија од животот, можам да се носам со помладава генерација, која гази во моментов, и да истерам уште некоја журка.
Маре уредничката зема награда од МОК за топ новинар, и е во еуфорија. „Побрзајте денеска со текстови за да може да излеземе“.… Седнувам и ко од „пушка“ ми доаѓа да пишам нешто за Вардар. ФК Вардар. За мене непресушна тема, и во добро и во лошо. Камо да беше за добро ама не е.
Вардар изминатава 2022 година нема да ја помни по добро. Се мачеше. Не влезе во прва лига, „загази“ во долгови (како да му беа малце тие од пред тоа), го избркаа од базата во Хиподром. Сирак. Ми доаѓа да го споредам со оној легендарен цртан филм, кога Мики Маус е сиромав кога газдата не го пушта да си оди дома на Божиќ, (ви текнува?). Кога бос и гол ја дочекува новата година.
И бол и бес….
Легендарниот роман на основоположникот на Македонската современа литература, Славко Јаневски. И бол и бес. Да, мене ми иде и бол и бес во едно. Бол што Вардар е ова што е во моментов, и бес што Вардар е ова што е во моментов.
Дури и еден Славко Јаневски кој директно не се обраќа во својот роман за маките на ФК Вардар, индиректно и тоа како треба да се поврзат двете нешта. Зошто сите Македонци кои ја користат оваа изрека се свесни дека оваа изрека е вистинита само тогаш кога се кажува искрено и кога некој навистина има и бол и бес затоа што во спротивно не би била вистината и би се изгубила смислата на разговорот со својот кога му се соопштува ова.
Да, не само јас, сите имаме и бол и бес. Цела „црвено – црна“ армија. Не боли секој удар врз миленикот на Скопје и не разбеснува секоја лага искажана за него, против него, од него. Да, тоа имаме да ви го соопштиме.
Кога е понеделник знае некој?
Ветувања, шпекулации, лаги…. да имаше ФК Вардар простории, што за жал ги нема во моментов, ќе имаше закачено сигурно десет календари. Оние новогодишните, гагаџиските. За да се знае кога е вторник, кога е петок, и нормално понеделник. Зошто парите се делат во понеделник. Само не знаеме кој понеделник. Понеделник за Сергеј, понеделник за Цобе, па понеделник за Унгарците кои треба да го спасат Вардар со милионска инвестиција.
Газда Цобе низ град вика дека само што не пристигнале. Се е договорено. Да му веруваме? Многу приказни, спасители и милиони „поминаа“ годиниве бе газда… Ама Вардар не успеа ни да се врати во прва лига, а не па друго. Дедо Мраз од „Маџарска“ или второлигаш од Маџари ќе биде Вардар за брзо. За „Маџарите“ не знам, ама знам дека во Маџари дур не платиш не можеш ниту да играш ниту да тренираш.
Среќна Нова Година дечки. Се гледаме следната со Унгарци или без, со бол и бес во душата, и со надеж дека и на Вардар 2023 година ќе му биде среќна. Сервус….