Ница одлучи да се раздели со тренерот Лусиен Фавр, пишува француски „Екип“. Смената доаѓа откако тимот испадна во 1/32 финалето на Купот на Франција од аматерскиот тим на Лу Пој со 0:1. Тоа беше капката која ја прели чашата, па раководството одлучило да раскине со реномираниот тренер.
Тој го напушта клубот заедно со асистентот Кристоф Мулен. Тренерот на резервната екипа Дидие Дигар ќе го замени Фавр во првата екипа. Тој дојде за време на СП, а сега ќе раководи со најсилната екипа и ќе седи на клупата уште на мечот со Монпеље на „Алијанц ривиера“ кој се игра во среда.
Инаку Фавр беше назначен за тренер на Ница на крајот на јуни 2022 година. Тимот е на 11. место во Лига 1, а три меча по ред нема победа.