Претседателот на Реал (М), Флорентино Перез и неговите соработници веќе работат на план за засилување на „кралскиот клуб“ на неколку позиции одеднаш. Според весникот „АС“, мадридскиот клуб како приоритет има поставено две цели: веднаш пронаоѓање замена за Бензема на напаѓачката позиција, како и адекватна замена за хрватскиот ветеран Лука Модриќ.
Покрај овие две примарни трансфер цели, Перез и соработниците разгледуваат опции за засилување на бековските позиции и тоа со двајца нови играчи.
Реал Мадрид дефинитивно ќе го продолжи договорот со Бензема на уште една сезона, но клубот сака нов главен напаѓач. Оваа зима ова прашање нема да се реши, бидејќи сега нема напаѓач на пазарот кој може да биде адекватна замена за Бензема. Модриќ, пак, кој во септември ќе наполни 38 години, веќе не може да игра на сите натпревари и треба да го дозира товарот. По Светското првенство во 2022 година, играчот од средниот ред сè уште не може да се врати во својата најдобра форма. Доколку Мадрид може да го ангажира Џуд Белингем следното лето, тогаш Модриќ ќе игра споредна улога во тимот. Перез веќе комуницирал со опкружувањето на Белингем, но се уште не започнале преговори со Борусија.