Македонија ќе се бори за 27. место на Светското првенство. Избраниците на Кирил Лазаров вечерва го запишаа вториот триумф, откако убедливо го совладаа Мароко со 40-25 и веќе за два дена ќе се сретнат со Јужна Кореја во последниот меч од Мундијалот.
Лазаров им даде шанса на помладите ракометари, овој меч одмараа Георгиевски, кој не беше во составот, како и Манасков и Митревски, кои остнаа на клупа цел натпревар.
Селекторот го пофали Мартин Томовски кој запиша 13 одбрани денеска.
„Во текот на подготовките за овој натпревар имав шанса да ги гледам трите натпревари на Мароко и да се уверам дека се одличен тим. Бевме концентрирани денес шеесетина минути, имаме голем респект кон Мароко.
Сакам да заблагодарам и на моите ракометари кои беа одлични денеска, посебно на голманот Томовски кој заслужено беше избран за играч на натпреварот. Тој работеше одлично во последните неколку недели. Не очекува уште еден натпревар, за кој максимално ќе се подготвиме. Секој натпревар е важен за нас бидејќи ние сме млада репрезентација, и потребни ни се што повеќе вакви натпревари“, изјави Лазаров.