Лесно е кога имаш пари, а уште полесно е кога имаш мноооогу пари, како на пример Тод Боли, газдата на Челзи. Овој Американец само во зимскиот преоден рок „лупна“ 323 милиони футнти за нови играчи, од кои 121 милиони евра даде за Енцо Фернандез, со што го урна британскиот рекорд во висина на трансферите кога станува збор за парите. Овој Боли во последните 6-7 месеци, откако е газда на Челзи, за нови играчи вкупно потрошил неверојатни 660 милиони фунти, во двата преодни рока, во летниот (2022) и зимскиот (2023).
Секако дека Челзи се “прослави“ со ангажманот на Енцо, на Аргентинецот кој беше еден од клучните играчи на СП во Катар, каде “гаучосите“ дојдоа до златото. Да потсетиме дека Енцо беше прогласен за најдобар млад играч на Мундијалот.
И сега, конечно, да дојдеме до тоа зошто Енцо, а не некој друг, бил трансферна цел на пребогатиот газда на Челзи.
Па, Тод Боли го следел финалето во Катар на СП меѓу Аргентина и Франција, и откако финалето завршило тој веднаш им се јавил на своите соработници во Челзи и им рекол дека по секоја цена во јануари мора да го купат тој “малиот“, Аргентинецот. И дека парите не биле проблем, и дека мора да го ангажираат, по секоја цена, им повторил, додека тие се фаќале за глава со оглед на тоа дека Енцо воопшто не бил во нивните планови до тој момент додека газдата не им се јавел да им каже што да прават.
Ете, така Енцо Фернандез стана член на Челзи…










